Предлог-буџетот за 2027 година влезе во собраниска процедура, откако денеска на седницата на Комисијата за финансирање и буџет започна неговото разгледување во второ читање. Образложувајќи го предлогот пред пратениците, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека буџетот за 2027 година е насочен кон одржување на стабилни јавни финансии, продолжување на фискалната консолидација и поддршка на економскиот раст, со посебен акцент на капиталните инвестиции и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните.
– Нашата определба останува јасна – постепена фискална консолидација, рационално и ефикасно трошење на јавните средства, подобра наплата на приходите и насочување на средствата кон развојни и продуктивни инвестиции – истакна Димитриеска-Кочоска.
Според предложената буџетска рамка, вкупните приходи за 2027 година се планирани на 395,4 милијарди денари, што е раст од 5,7 проценти во однос на 2026 година. Расходите се проектирани на 440,4 милијарди денари, односно раст од 4,8 проценти, додека буџетскиот дефицит е предвиден на 45 милијарди денари или 3,5 проценти од БДП.
Економскиот раст за следната година е проектиран на 3,8 проценти, а главен двигател се очекува да биде домашната побарувачка, пред сè преку зголемената инвестициска активност. Бруто-инвестициите се очекува да пораснат за 6,8 проценти, приватната потрошувачка за 2,5 проценти, а извозот за 5,8 проценти.
Проекциите предвидуваат просечна инфлација од 3,2 проценти, раст на бројот на вработени од 1,2 проценти и зголемување на просечната нето-плата од 6,7 проценти.
На приходната страна, најголем дел од средствата се очекуваат од даночните приходи, кои се планирани на 223,1 милијарди денари, додека социјалните придонеси треба да достигнат 133,8 милијарди денари. Министерката нагласи дека подобрувањето на наплатата, дигитализацијата и намалувањето на неформалната економија ќе бидат меѓу главните приоритети во управувањето со јавните приходи.-
Нашата определба е преку подобрување на наплатата, дигитализација на процесите, зајакнување на институционалните капацитети и намалување на неформалната економија да создадеме поефикасен, поправеден и потранспарентен систем на јавни приходи. Целта е планираните приходи да се остваруваат врз реални и одржливи основи, без создавање дополнителен товар за граѓаните и стопанството – рече Димитриеска-Кочоска.
На расходната страна, за пензии се предвидени 123,8 милијарди денари, за плати во јавниот сектор 57,2 милијарди денари, а за здравствена заштита 58,7 милијарди денари. За социјална заштита на најранливите категории граѓани се планирани 14,3 милијарди денари, додека за активните мерки за вработување се обезбедени 2,9 милијарди денари.
Трансферите до општините се проектирани на околу 36 милијарди денари, со што, според Министерството за финансии, продолжува поддршката на локалната самоуправа. Посебен акцент во буџетот е ставен на капиталните инвестиции, за кои се предвидени 40,8 милијарди денари. Средствата ќе бидат насочени кон инфраструктурни, образовни, здравствени, енергетски и комунални проекти.-
Нашата определба е овие средства да бидат насочени кон проекти кои создаваат долгорочна вредност, ја подобруваат инфраструктурата и придонесуваат за поквалитетни јавни услуги. Притоа, не е важна само висината на планираните средства, туку и нивната реализација. Нашиот фокус е на навремено спроведување на проектите и на постигнување конкретни резултати на терен“, посочи министерката.
Во инфраструктурниот дел, продолжува реализацијата на проектите поврзани со Коридорите 8 и 10д, автопатските делници Кичево–Букојчани, Кичево–Охрид и Скопје–Блаце, како и модернизацијата на железничката инфраструктура, вклучително и источниот дел од Коридорот 8. Предвидени се и инвестиции во образованието, реконструкција на студентските домови, изградба и реконструкција на училишта и спортски сали, како и развој на инфраструктурата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Продолжуваат и проектите за енергетска ефикасност, модернизација на земјоделството, системи за наводнување, пречистителни станици и управување со отпадни води. Во Скопје, меѓу значајните проекти е продолжувањето на активностите за воведување брз автобуски превоз.
Во однос на дефицитот и јавниот долг, министерката посочи дека определбата е нивно постепено намалување преку рационализација на расходите, подобра наплата на приходите и поефикасна реализација на јавните инвестиции. Та информираше дека финансирањето на дефицитот и отплатата на доспеаните обврски во 2027 година ќе се обезбедуваат преку домашниот и меѓународниот пазар. Меѓу обврските што доспеваат следната година е и отплатата на еврообврзницата од 500 милиони евра, издадена во 2023 година.
– Не е доволно само да планираме стабилни јавни финансии – наша обврска е тие да ги претвориме во видливи резултати, развојни инвестиции и подобри услови за живот на граѓаните – порача министерката за финансии.
Предлог-буџетот за 2027 година во наредните десет дена ќе биде предмет на комисиска расправа, во која пратениците ќе имаат можност да ги образложат и бранат поднесените амандмани пред неговото понатамошно разгледување во собраниската процедура. За буџетот се поднесени над 300 амандмани, а комисиската расправа ќе трае десет дена, од кои четири се предвидени за општ претрес, а шест за разгледување на амандманите.
(С.Бл.)












