Македонија и годинава е рангирана како „делумно слободна“ држава според најновиот извештај „Слободата во светот 2025“ на Фридом хаус, задржувајќи го истиот индекс од 67 поени од можни 100, што укажува на стагнација во клучните демократски процеси. Според извештајот, Македонија има 28 поени за политички права (од можни 40) и 39 за граѓански слободи (од 60), при што се нотира дека, и покрај активниот јавен дискурс, новинарите и граѓанските активисти „и натаму се соочуваат со притисоци и заплашувања“. Дополнително, се нагласува дека борбата против корупцијата останува еден од најголемите предизвици за институциите.
Во регионален контекст, сите земји од Западен Балкан се означени со жолта боја, што значи дека се наоѓаат во категоријата „делумно слободни“. Црна Гора е најдобро рангирана со 69 поени, иако изгубила еден поен во споредба со претходниот извештај, поради бројните предлог-закони поднесени од владата што биле усвоени по итна постапка и без парламентарна дискусија. Следена е Албанија со 68 поени, Косово има 60 поени, додека Србија и Босна и Херцеговина остануваат пониско рангирани со 56, односно 52 поени.
За регионот се посочува дека политичките тензии и институционалните блокади имаат сериозно влијание врз функционирањето на демократијата. Во извештајот се наведува дека „политичкиот застој ги попречува клучните владини функции“, при што како пример се издвојува Косово, каде долготрајните политички несогласувања ја забавиле работата на институциите.
Србија е меѓу земјите со најголем пад на слободите во изминатата година, рангирана на петто место во светот според негативниот тренд, и го дели со Бугарија и САД. Во Бугарија, причината се последиците од парламентарните избори во 2024 година, кои беа обележани со купување гласови и изборни измами.
На глобално ниво, Фридом хаус предупредува дека слободата опаѓа веќе две децении по ред.
„Глобалната слобода опаѓа 20-та година по ред“, се наведува во извештајот, додавајќи дека во 54 земји е регистрирано влошување на политичките права и граѓанските слободи, додека напредок има во само 35 држави.
Од Фридом хаус објаснуваат дека овие падови се главно предизвикани од воени удари и напори на лидерите да го потиснат мирното несогласување или да ги променат уставните правила во нивна корист.
Меѓу земјите со најголем пад во последната година се Гвинеја-Бисао, Танзанија, Буркина Фасо, Ел Салвадор, Мадагаскар и Грузија.
Извештајот посочува дека главни причини за назадувањето се воените удари, како и обидите на политичките лидери да го ограничат несогласувањето и да ги менуваат уставните правила во сопствена корист.
Во делот за глобалните сили, се нагласува дека во Русија продолжува засилената репресија врз критичарите на власта, особено во контекст на војната во Украина, при што „се гонат сè поголем број граѓани поради антивоен говор“. Слични трендови се забележуваат и во Кина, каде властите ги ограничуваат протестите и слободата на изразување.
И покрај тоа што Европа останува најслободниот регион во светот, извештајот нотира назадување во одредени земји, вклучително и во Италија и Бугарија, каде се забележани слабеења во антикорупциските механизми и изборните стандарди.
-Авторитарните режими продолжуваат да напредуваат низ целиот свет, предупредува Фридом хаус, нагласувајќи дека само координирани напори на демократските влади и граѓанското општество можат да го променат овој негативен тренд.
Организацијата, која повеќе од половина век ја следи состојбата со демократијата во светот, секоја година анализира 195 држави и 15 територии, оценувајќи ги според нивото на политички права и граѓански слободи – два клучни индикатори што и натаму покажуваат дека глобалната демократија е под сериозен притисок.












