Изминатата 2025 година, во општините Гевгелија, Богданци и Дојран првпат беше забележана појавата на тропски заболувања, кои беа најавувани од наша страна како можни импортирани агенси. Беше евидентиран првиот случај на чикунгуња-треска, маларија, едно сомнение на цревен тифус и денги треска. Не е исклучена можноста за импортирање случаи на нипавирусната инфекција, изјави за весникот ВЕЧЕР Сашко Олумчев од Подрачната единица на Центарот за јавно здравје во Гевгелија.

Докторе, колку вкупно заразни заболувања беа забележани во 2025 година, на југоистокот?

Во текот на 2025 година, на територијата на општините Гевгелија, Богданци и Дојран беа пријавени вкупно 172 заразни заболувања и 146 пријавени случаи на сезонски грип, кои партиципираа со 46 % (43 % во 2024 година) во вкупно пријавените случаи (318). Од вкупно 172 заразни заболувања, најголем број, 146 (84 %), отпаѓа на овчите сипаници варичела, додека во останатиот дел се застапени шугата  сo 7 % (13), ентероколитите со 6 % (12), чикунгунјата 0,5 % (1), хепатитисот Ц 0,5 % (1) и бактерискиот менингитис со 0,5 % (1).   Најголем број пријавени заболувања беа забележани во февруари, март и во април, во кои доминираа акутните респираторни заболувања (АРИ) и тешките акутни респираторни заболувања (САРИ), вклучувајќи ги и сезонскиот грип, аденовирозите, инфекциите со респираторен синцицијален вирус и инфекциите со риновируси. По кратката „пауза“ во мај, следуваше пораст на заболувањата во јуни, јули и во август, во кои доминираше коронавирусната инфекција, која коциркулираше ендемски со ентеровирусите. Бројките на случаи кореспондираа со сезоната на респираторни инфекции. Во јуни и во јули имавме пораст на цревните заразни заболувања, вирусните хепатити и ротавирусната инфекција, како и коронавирусната инфекција.

Беше интересна појавата на тропски заболувања изминатата година кај нас. Која беше причината за тоа?

Ентитет е појавата на тропски заболувања, кои беа најавувани од наша страна како можни импортирани агенси. Беше евидентиран првиот случај на чикунгуња-треска, едно сомнение на цревен тифус, маларија, како и денги и кју-треска во други општини во Македонија. Не е исклучена можноста за импортирање случаи на нипавирусната инфекција, која е сè уште актуелна.  Во услови на зголемена глобална мобилност и климатски промени, општините Гевгелија, Богданци и Дојран се соочуваат со реален ризик од појава и евентуална локална трансмисија на тропски заразни заболувања како чикунгуња, зика, денги, маларија и потенцијално нипа. Географската положба на регионот, особено постоењето транзитен центар во Гевгелија и фреквентниот граничен премин, создава континуиран прилив на лица од ендемски подрачја, што ја зголемува веројатноста за внесување на овие инфекции. Фактот дека веќе се детектирани импортирани случаи на чикунгуња, зика, денга и маларија, укажува дека ризикот не е само теоретски туку и реално присутен.

Климатските карактеристики на југоисточниот дел од државата, со долги, топли лета и благи зими, овозможуваат поволни услови за преживување и ширење на инвазивните видови комарци од родот Aedes, кои се главни вектори за чикунгуња, зика, денга, како и на Anopheles, кој е вектор за маларија. Доколку се совпадне внесен случај со присуство на компетентен вектор и соодветни еколошки услови, постои можност за автохтона трансмисија, особено во летниот период, кога е најголема густината на векторите. Туристичката сезона во Дојран и зголемената циркулација на население дополнително ја зголемуваат потенцијалната експозиција.

Од каде се пациентите со овие тропски заболувања, во кои земји престојувале и каква клиничка слика создаваат овие вируси?

Чикунгуња е вирусна болест што ја пренесуваат комарците Aedes aegypti и Aedes albopictus и се карактеризира со ненадејна висока температура и силна, често исцрпувачка болка во зглобовите. Симптомите се појавуваат од 3 до 7 дена по каснувањето, вклучувајќи главоболка, исипување и болка во мускулите, кои траат околу една недела. Не постои специфичен антивирусен третман, управувањето се фокусира на ублажување на симптомите, а превенцијата се потпира на избегнувањето каснување од комарци. Евидентираните случаи се импортирани случаи од други земји (Куба, Занзибар и други егзотични земји), кои се инфицирани во текот на туристички патувања. Ризикот од импортирање предизвикувачи на тропски заразни заболувања е сè поголем поради зголемената понуда на релативно евтини патувања од страна на туристичките агенции, што овозможува миграција на поголем број туристи за разлика од порано.

Која е Вашата препорака за избегнување на овие тропски вируси, пред сè до туристите што патуваат во некои од егзотичните земји?

Превенцијата од тропски заразни болести при туристички патувања претставува суштински дел од современата јавно-здравствена заштита, особено во услови на зголемена глобална мобилност и интензивен туристички сообраќај. Ризикот од изложеност на егзотични патогени е значително повисок во тропските и во суптропските региони, каде што циркулираат вектор-преносливите, воднопреносливите инфекции и инфекциите што се пренесуваат преку контакт, што бара систематски и информиран пристап кон заштитата на патниците. Пред патувањето, од особена важност е навремената медицинска консултација, најмалку неколку недели пред поаѓање, со цел процена на индивидуалниот ризик и препорака за соодветна вакцинација и хемопрофилакса. Во зависност од дестинацијата, може да се препорачаат вакцини против заболувања како жолта треска, хепатитис А и Б, тифус или менингококна инфекција. Дополнително, за одредени региони е неопходна профилакса против маларија, што значително го намалува ризикот од заболување. Во текот на престојот, клучна улога имаат мерките за лична заштита од вектори, особено комарци, кои се главни преносители на заболувањата како денга, чикунгуња и западнонилска треска. Примената на репеленти на кожата, носењето светла и заштитна облека со долги ракави, како и користењето мрежи против инсекти значително го намалуваат ризикот од убоди. Престојот во климатизирани или добро заштитени простории дополнително придонесува за намалување на изложеноста. Паралелно со тоа, треба да се посвети особено внимание на безбедноста на храната и водата. Консумирањето само термички обработена храна, избегнувањето сурови или недоволно обработени производи и употребата на безбедна вода за пиење се клучни мерки за спречување на фекално-орално преносливите инфекции. Хигиената на рацете, особено пред јадење, претставува едноставна, но исклучително ефикасна превентивна мерка.

Во текот на патувањето, важно е и избегнувањето ризични контакти, вклучително и контакт со животни, застојана вода или потенцијално контаминирани површини. Во одредени региони, контактот со животни може да претставува ризик за заболувања како што се беснилото и некои зоонози, додека капењето во небезбедни води може да доведе до паразитарни инфекции. По враќањето од патувањето, секоја појава на симптоми како треска, исупување, гастроинтестинално нарушување или респираторни тегоби треба да се сфати сериозно и да се побара медицинска помош, со задолжително наведување на историјата на патувањето. Раното препознавање и навремената дијагностика се од клучно значење за спречување на компликациите и на понатамошното ширење на инфекциите. Со примената на овие превентивни мерки, значително може да се намали ризикот од појава на тропски заразни заболувања. Информираноста, навремената подготовка и одговорното однесување на патниците претставуваат основа за безбедно патување и заштита на индивидуалното и на јавното здравје.

Дали има ризик од појава на нипа-вирусот?

Во однос на нипа-вирусот, иако ризикот од директна појава е значително помал во споредба со болестите што се пренесуваат преку комарци, глобалната поврзаност и можноста за брз транспорт на заразени лица бараат засилена епидемиолошка будност. Примарниот ризик за регионот останува поврзан со векторпреносливите заболувања, особено со оглед на веќе потврдените импортирани случаи и климатските трендови, кои одат во прилог на проширување на ареалот на векторите.

Може ли да се очекува зголемување на заболените од разни тропски вируси во наредните години?

Во наредните години, најверојатното епидемиолошко сценарио за територијата на Република  Македонија нема да биде појава на големи ендемски жаришта, туку појава на спорадични увезени случаи и повремени локални трансмисии во услови на присуство на компетентни вектори. Особено чувствителни подрачја би можеле да бидат јужните и пограничните региони, меѓу кои и Општина Гевгелија, каде што географската позиција, климатските услови и интензивниот туристички и транзитен сообраќај создаваат специфичен епидемиолошки ризик. Поради тоа, од суштинско значење е воспоставувањето интегриран систем за епидемиолошки надзор, кој ќе ги комбинира клиничките, лабораториските и ентомолошките податоци. Континуираното мониторирање на популацијата на комарците и на другите вектори, раната лабораториска дијагностика на сомнителните случаи и меѓуграничната соработка со соседните земји се клучни елементи во превенцијата на потенцијалните кластери и епидемиски појави. Само преку ваков проактивен пристап е можно навремено да се идентификуваат новите епидемиолошки трендови и да се спречи поширокото ширење на тропските и на векторпреносливите заболувања во Република  Македонија.

(Љ. А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ