Познатиот туризмолог, Гордана Јанакиевска, ги открива за весникот ВЕЧЕР своите младешки денови, кога нејзина пасија бил спортскиот туризам, а кајакот на диви води и кајакарската патека и ден-денес ѝ будат убави спомени.
Се сеќава на Светското првенство во кајак на диви води во 1975 година, кога Олимпиското село и тогаш познатиот хотел „Панорама“ на Водно биле полни со странци и со многу позитивна енергија.
– Јас имав привремена канцеларија во една од куќите во Олимпиското село и се симнував пеш до банката за да ги предадам девизите од наплатата тој ден. Работев во туристичката агенција „Центротурист“ и спортскиот туризам беше една од нејзините дејности. Ние ја имавме задачата да ги сместуваме спортистите, а Олимпиското село беше тукушто отворено и неговата намена беше токму таа: да ги угости спортските екипи што ги користеле овие услуги – раскажува Јанакиевска.
Таа тогаш била на 24-годишна возраст и била преокупирана со сместувањето на кајакарите и со нивното навремено пристигнување до кајакарската патека.
Меѓу поинтересните случки од тој период што ѝ останале во сеќавање, таа ја издвојува онаа со екипата од Јапонија.
– Беа упорни да купат една торбичка со народен вез, по намалена цена. На крајот им ја продадов, а разликата ја платив од свој џеб – се смее Јанакиевска.
Притоа, се присетува како тогаш секој ден ја земале од дома со „фиќо“ од сообраќајната полиција.
– Секогаш се смеев што ли мислат комшиите. Тогаш беа други времиња. И денес кајакарската патека буди убави спомени во мене – потенцира Јанакиевска.
Меѓу нејзините омилени активности бил и меѓународниот турнир во бокс „Златен гонг“, кој се одржувал во Скопје.
– Една година дури и ги најавував во рингот следните боксери и дружењето со нив ми беше вистинско задоволство. Мате Парлов ми беше еден од омилените боксери. Често се среќавав и поздравував со него по аеродромите, на нашите патувања, секој по својот ангажман – раскажува таа.
Од спортот, освен кајакот, омилена ѝ биле кошарката и кошаркарскиот клуб „ Работнички“, со познатиот кошаркар, а потоа и тренер, Лазар Лечиќ.
– Ми беше задоволство да работам, но и да гледам кошарка – вели Јанакиевска, наведувајќи дека сето тоа се само сеќавања.
Додава дека еден период сакала да снима кратки филмчиња. Во рамките на емисијата „Непозната Македонија“, требало тоа да биде некој спорт.
– Тогаш, со познатиот кајакар Лазар Поповски, снимавме кајак на реката Треска. Во еден момент, тој ме стави во кајак и ме учеше да возам, беше интересен настан – со возбуда се присетува Јанакиевска.
Опишува дека било интересно, односно, како што вели, тоа била блага борба да се одржиш на вода, па дури и да се нурнеш сосе чамецот под вода.
– Тоа беше само уште една авантура од многуте во мојот живот – нагласува таа.
Но, никогаш повеќе не се јавила желба кај неа да го направи тоа уште еднаш.
Таа се занимавала со спортски туризам до `80-тите години, потоа заминала во Лондон, а кога се вратила, работела на проекти и повеќе тоа не ѝ било преокупација.
(А. П.)












