Ракометната федерација на Македонија (РФМ) и официјално влезе во трката за организација на Европското првенство во ракомет за мажи во 2034 година, заедно со федерациите на Србија и Словенија.  Претседателот на РФМ, Александар Стефанов, не го криеше задоволството што Македонија е дел од овој амбициозен проект и потенцира дека нашата држава има ракометна традиција и капацитет да биде домаќин на натпревари од највисоко европско ниво.

„За мене претставува посебна чест и задоволство што РФМ прави уште еден значаен чекор напред и што, заедно со Србија и Словенија, учествува во заедничката кандидатура за организација на машкото ЕП 2034. Верувам дека сите три федерации, со своето богато искуство, капацитети и ракометна традиција, ги имаат сите предуслови да одговорат на барањата и стандардите на ЕХФ и успешно да организираат ЕП на највисоко ниво“, изјави Стефанов.

„Македонија е ракометна земја. Ракометот со децении е длабоко вкоренет во нашата спортска традиција и историја, создавајќи генерации успешни ракометари и ракометарки. Со својата популарност, како и со резултатите остварени на европско и светско ниво, слободно можам да кажам дека ракометот е спорт број еден во Македонија и дека тоа останува така“, потенцира претседателот на РФМ.

Според Стефанов, евентуалното добивање на организацијата би претставувало уште еден голем исчекор за македонскиот ракомет и потврда дека земјава може да биде дел од најголемите настани на европската сцена.

„За нас оваа кандидатура е можност за уште еден голем исчекор и потврда дека Македонија има капацитет да биде дел од организацијата на најголемите европски ракометни настани. Се надеваме дека нашата заедничка кандидатура ќе ја добие довербата и дека во 2034 година, заедно со Србија и Словенија, ќе бидеме успешни домаќини на ЕП.

Европското првенство во 2028 година ќе го организираат Шпанија, Португалија и Швајцарија, две години подоцна во Чешка, Данска и Полска, а во 2032 година заеднички шампионатот ќе го организираат Германија и Франција.

Македонија беше домаќин на Европско првенство за жени во 2008 година, додека Србија беше организатор на европскиот шампионат за мажи во 2012 година. На ова првенство македонската ракометна репрезентација го имаше и најдобриот пласман на континенталните собири, го освои петтото место.

ИЗДВОЕНИ