Македонија се соочува со сериозен и долготраен проблем со отпадот, со над 2.000 диви депонии низ државата и со десетици во околината на Скопје. Стручната јавност и институциите сè почесто предупредуваат дека е недоволен постојниот систем и дека е неопходно воспоставување регионални депонии и современо управување со отпадот. Токму во време на националната акција „Генералка викенд“, која почна денеска во Македонија, повторно се отвора дебатата за итни системски решенија.
Централниот настан во Скопје се одржа на кејот на Вардар, зад зградата на Владата, каде што отпад собираше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Таа порача дека грижата за животната средина мора да стане секојдневна навика, а не само симболична акција. Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова ја нагласи и потребата Скопје да стане позелен град. – Зеленото е убаво, прекрасно. Скопје треба да се озелени, но претходно треба да се исчисти – посочи претседателката

Над 2.000 нелегални или диви депонии и уште 50-54 нестандардни општински депонии се евидентирани во Македонија, покажуваат податоците од последниот национален план за управување со отпадот. Станува збор за диви ѓубришта покрај патишта, реки и населени места, нестандардни депонии без соодветна заштита, како и за локации каде што често се пали отпад, што дополнително придонесува за загадување на воздухот.
Токму поради ваквата состојба, потребата од воспоставување регионални депонии и современ систем за управување со отпадот станува сè поитна. Според плановите, Македонија треба да воспостави пет регионални системи за управување со отпадот: во Скопје („Дрисла“), Полошкиот Регион („Русино“), Новаци, Свети Николе и во Добрешинци.
Експертите предупредуваат дека сегашниот систем овозможува неконтролирано фрлање отпад во реките, шумите и покрај патиштата, додека старите депонии испуштаат токсични гасови и ги загадуваат почвата и подземните води. Регионалните центри, пак, треба да овозможат селекција, рециклирање и контролиран третман на отпадот, но и усогласување со европските стандарди за животна средина.
Во услови кога државата сè уште се соочува со сериозен проблем со отпадот, денеска низ Македонија почна најголемата национална волонтерска еколошка акција „Генералка викенд“, во која учествуваат десетици илјади волонтери од 80 општини, над 600 организации, јавни институции, приватни компании и повеќе од 250 државни институции.

Централниот настан во Скопје се одржа на кејот на Вардар, зад зградата на Владата, каде што отпад собираше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Таа порача дека грижата за животната средина мора да стане секојдневна навика, а не само симболична акција.
– Сметам дека е многу добро секој ден да го почнуваме вака, имитирајќи ги Јапонците. Тие најпрво чистат таму каде што живеат, околу своите згради, а потоа одат на работа. Ова мора да стане филозофија на живеење – изјави Сиљановска-Давкова.
Претседателката предупреди дека човештвото води „војна со планетата“, што, како што рече, води кон самоуништување.
– Мора да склучиме пријателски договор со планетата Земја и да ја третираме како рамноправен партнер. За жал, човештвото влезе во војна со планетата – во војна со билките и со животните. Не само што ја губиме битката со планетата туку трчаме и кон самоуништување – рече таа.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова ја нагласи и потребата Скопје да стане позелен град.
– Зеленото е убаво, прекрасно. Скопје треба да се озелени, но претходно треба да се исчисти – посочи претседателката.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, оцени дека „Генералка викенд“ веќе прераснала во национална навика.
– Според информациите со кои располагам, во сите 80 општини, плус Градот Скопје, чистат над 80.000 волонтери. Особено е важно што во акцијата се вклучени и основните и средните училишта, бидејќи така се создава навика и практика за грижа за животната средина – изјави Ѓорѓиевски.
Тој информираше дека со поддршка од Владата се набавуваат 40 нови камиони за „Комунална хигиена“, како и нова механизација за „Паркови и зеленило“, но предупреди дека без промена на навиките кај граѓаните, проблемот нема да се реши.
– Колку и да се трудиме, ако граѓаните не ја третираат животната средина соодветно и ако не се фрла отпадот таму каде што треба, нема да го постигнеме заедничкиот ефект. Скопје е наш заеднички дом и треба да се грижиме за него исто како за сопствените домови – нагласи тој.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, порача дека акцијата покажува дека промените се можни кога заедно дејствуваат институциите, граѓаните и приватниот сектор.

– „Генералка викенд“ веќе неколку години покажува дека кога се обединети граѓаните, институциите и приватниот сектор, промената е видлива и конкретна. Грижата за животната средина треба да биде секојдневна навика – рече Хоџа.
Тој истакна дека Министерството паралелно работи и на системски решенија, пред сè преку воспоставување регионален систем за современо управување со отпадот.
– Како министер, мојата обврска е градење систем што ефикасно го решава отпадот. Но, истовремено, нашата заедничка цел е да изградиме култура и иднина во која, можеби, и нема да бидат потребни вакви акции – изјави Хоџа.
Поддршка за акцијата даде и австрискиот амбасадор Мартин Памер, кој ја нарече „Генералка викенд“ „импресивен македонски бренд“.
– Нека придонесе оваа акција за поголемо и поефикасно отстранување на отпадот и на дивите депонии. Свеста за заедничките предизвици може да се зајакне само преку колективно дејствување, отчетност и одговорност – изјави Памер.
Од Град Скопје порачаа дека чистата животна средина е заедничка одговорност и најавија нови кампањи за подигнување на јавната свест и засилени инспекциски контроли.
– Само заедно може да се изгради град каков што заслужуваат граѓаните: чист, убав, уреден и достоинствен главен град – порачаа градските власти.
„Генералка викенд“ се организира од 2021 година, како десетгодишна национална иницијатива. Досега во акцијата учествувале повеќе од 100.000 волонтери од сите 81 општина, собрани се над 1,5 милиони килограми отпад, а секоја година се реализираат акции на повеќе од 500 локации во државата.
(С. Бл.) – Фото: Петр Стојановски












