Невладините организации предупредуваат дека предложените измени на Законот за минерални суровини можат да предизвикаат сериозни последици врз животната средина, сопственичките права и јавниот интерес. Тие апелираат до претседателката да го искористи своето уставно право и да не го потпише указот, оценувајќи дека станува збор за одлука со долгорочни ризици.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, пак, порача дека невладините организации се важен коректив во општеството и дека нивниот глас мора да биде вклучен во законодавниот процес. Таа нагласи дека законите треба да се носат во редовна постапка и со поширока јавна расправа, за да се обезбеди балансиран пристап меѓу економските и еколошките интереси

 

Дел од невладините организации кои се активни во областа на животната средина упатија јавен апел до претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, да не го потпише указот за Законот за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, кој неодамна беше усвоен во Собранието.

Законот беше донесен на 29 април, а реакциите од граѓанскиот сектор се интензивираат во последните денови, при што од еколошките здруженија предупредуваат дека предложените измени може да имаат сериозни последици врз животната средина, правната сигурност на сопственоста и јавниот интерес.

Од иницијативата „Здрава Котлина“, во отворено писмо до претседателката наведуваат дека таа, како професор по уставно право, има „посебна одговорност да реагира на законски решенија кои, според нив, претставуваат ризик за уставно загарантирани права“.

Во реакцијата се наведува дека измените овозможуваат започнување  рударски активности и пред целосно решавање на имотноправните односи, што, според нив, може да доведе до правна несигурност и до нарушување на правото на сопственост.

Дополнително, активистите предупредуваат на потенцијални ризици за правото на здрава животна средина, загарантирано со Уставот, посочувајќи дека олеснувањето на процедурите за добивање концесии може да доведе до зголемен притисок врз земјоделските и природните ресурси.

– Ова е момент на одлука за претседателката – дали ќе го потпише указот или ќе го искористи своето уставно право и ќе го врати законот на повторно разгледување – стои во апелот на дел од организациите.

Оттаму велат дека им се приклучуваат локални иницијативи од региони како Струмица, Гевгелија и Прилеп, каде што граѓански групи изразуваат загриженост за можните последици врз водните ресурси, земјоделството и квалитетот на животот.

Активистите најавуваат дека, доколку законот биде потпишан, ќе следуваат засилени јавни активности и притисок преку институционални и граѓански механизми.

„Струмица и Валандово: Не заборавајте на ветувањата! Ова е напад врз вашата егзистенција. Ако некој им даде дозвола за експлоатација со која багерите ќе тргнат кон Иловица и Казандол, тогаш патиштата во целиот регион ќе бидат блокирани од илјадници семејства.

Во Струмица се случи градот да нема чиста вода два месеци поради манган во езерото Турија. Може да замислите што ќе се случи со рудник, а за сите останати опасности за што зборувавме со години, беше потврдено од експерти, во МАНУ никој немаше одговори на поставените прашања, а сега е потврдено од сите модели на вештачка интелигенција. Е затоа ќе има народ на барикадите и нема назад!

Гевгелија: Вие бевте првите што кажавте „НЕ“ на референдум. Овој закон е обид да се поништи вашата демократска волја. Гевгелија и Кожув нема да бидат рударска јама! Премногу поминавме за да се откажеме и го препуштиме

Прилеп: Не дозволувајте под маската на „економски развој“ да ви го украдат правото на чист воздух и вода. Марко Цепенков од Ореовец не пишувал за рудници на смртта, туку за плодна земја. Без локална вода Прилеп е особено загрозен во годините што следуваат.“

Претседателката Сиљановска-Давкова, денеска, на почетокот на еколошката акција „Генералка викенд“, изјави дека невладините организации се „важен коректив на општеството“ и дека законите треба да се носат во редовна постапка, со цел да се обезбеди поширока јавна расправа и учество на стручната јавност.

– Невладините се неверојатно важен елемент од ова општество и особено оние што се грижат за животната средина заслужуваат „зелено столче“ во Парламентот. Ниту еден закон да не се носи во скратена постапка, туку во редовна постапка за да може гласот и аргументите на невладините  да се чујат. Оти не се пратениците ренесансни личности, па за сè да знаат како да одлучат – истакна Сиљановска-Давкова.

Таа, исто така, нагласи дека заштитата на животната средина мора да биде приоритет, во согласност со Уставот, и постојната законска рамка, посочувајќи дека државата мора внимателно да ги балансира енергетските потреби и еколошките стандарди.

– Јас сè прочитав и проучив и мислам дека гаранциите за заштитата на животната средина не се во овие закони. Законот за минерални суровини се занимава со енергетските прашања. Ние имаме Устав, имаме и Закон за заштита на животната средина, таму е клучот за односот кон овие закони. Инаку, да ја цитирам Кристина Георгиева, која неодамна рече: Доаѓаат тешки денови во поглед на енергијата и ние не можеме да палиме огнови, мораме однапред подготвени да се соочиме со кризата  што доаѓа“. Се разбира поевтино е да копате јаглен овде ако го имате, ама со почитување на еколошките правила, отколку да го увезувате, а потоа да ви заминат тие кои преку ноќ се збогатија  преку РЕК „Битола“ и сличните капацитети и сега да не знаеме каде се. Мораме сами да се грижиме за себе, како што треба прво да се грижиме за природата – рече Силјановска Давкова.

Одлуката за потпишување на указот се очекува во наредниот период, додека јавноста и граѓанските организации продолжуваат со реакции и со апели до институциите.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ