четврток, септември 24, 2026
Дома МАГАЗИН Македонија на детската Песна на Евровизија 2026 со Ана Стојаноска од Струга...

Македонија на детската Песна на Евровизија 2026 со Ана Стојаноска од Струга – на 24 октомври, на медитеранскиот остров Малта

17

Детската Песна на Евровизија, и оваа есен, предизвикува големо внимание. Секако и кај нас, во Македонија, бидејќи сме редовни учесници. Годинашниот фестивал ќе се одржи на 24 октомври, на медитеранскиот остров Малта. Со сигурност се знае дека Македонската радио-телевизија ќе врши директен пренос од настанот со почеток од 21:00 часот на фреквенцијата на МРТ1.

Нашата малечка претставничка е Ана Стојаноска, која е од Струга. Таа од најрана возраст ја покажува својата љубов кон музиката и пеењето. Со својот препознатлив глас, енергија и искреност, ќе се обиде преку песната „Идната jас“ да ја освои публиката, со надеж дека може да случи и да победи. А, зошто да не? „Идната jас“ е песна со силна и инспиративна порака за вербата во себе, за детските соништа и за храброста да останеме доследни на себеси додека растеме и го бараме сопствениот пат.

Автор на музиката е Николче Мицевски, додека текстот го потпишува Илчо Нечовски. Официјалниот видеозапис е реализиран во продукција на Македонската радио-телевизија и преку динамичен, колоритен и младешки визуелен израз ја надополнува пораката на песната.

На детската евровизиска сцена, милозвучната Ана ќе настапи заедно со танчарките Калина, Каја и Елена. За кореографијата е задолжен Илија Карадакоски. До 24 октомври, македонскиот тим продолжува со интензивни подготовки за сценскиот настап, за достоинствено претставување на државата пред европската и светската публика. (Д. М.)

 

 

ИЗДВОЕНИ