Македонската пејачка Теа Трајковска влегува во нов музички настан со проектот „Астро“, проект во кој се спојуваат музиката, астрологијата и визуелниот израз. Целата приказна. Овој нов проект носи четири песни инспирирани од четири хороскопски знаци, а прва пред публиката пристигнува „Карамела“, која е посветена на хороскопскиот знак вага. Стиховите се авторско дело на Теа Трајковска, додека музиката и аранжманот ги потпишува композиторот и продуцент Лазар Цветкоски, кој ги има изработено и миксот и мастерингот. Со него заедно, Теа го создаде „Астро“.
Впрочем, песната „Карамела“ е песна што подолго време се создавала и дооформувала, а нејзиниот специфичен карактер бил една од причините токму со неа да биде отворен албумот за „Aстро“.
– „Карамела“ е првата песна од мојот нов мини албум и јас и мојот продуцент одлучивме да ѝ ја претставиме на публиката. Ја избравме токму неа, затоа што, можеби, е една од најспецифичните песни, но и затоа што е песна на која најдолго работевме – гордо открива згодната Теа.
Таа нејзина необична музичка приказна добива и свое визуелно издание. Видеоспотот за „Карамела“ е создаден во ретро филмски фах, со естетика што ја следи атмосферата на песната. Видеото го потпишува Никола Наумовски, кој преку својот пристап ја преточува замислата на Теа и на нејзиниот тим во една целина.
Инаку, „Aстро“ во наредниот период ќе ги промовира и другите три песни: „Меѓу добро и зло“, песна инспирирана од знакот овен, „Ноќта нема крај“, посветена на стрелецот и „Ми амор“, која ја опишува девицата. Заедно со „Карамела“, посветена на вагата, тие ја сочинуваат музичката вселена на популарната Теа.












