Според податоците на „Евростат“, дури 32 проценти од работниците во Македонија работат за време на викендите, со што земјата е меѓу европските држави со највисока стапка на работа во сабота и недела. Дури 21,3 проценти од европските работници редовно работат во сабота и недела, според најновите податоци на „Евростат“.
Во некои земји, просекот е значително повисок, особено на Балканот и наМедитеранот. Во Грција, дури 41 процент од вработените и самовработените работници се активни за време на викендите, 33 проценти во Босна и Херцеговина и 32 проценти во Малта, Кипар и Македонија, објавува „Еуроњуз“.
Во исто време, северниот и источниот дел од континентот покажуваат многу пониски стапки. Во Литванија, само 4 проценти од работниците работат за време на викендите, како и 7 проценти во Унгарија и 7,5 проценти во Полска. Според „Евростат“, 13,7 проценти од работниците во Хрватска работат за време на викендите.
Веројатно не е големо изненадување што сопствениците на бизниси имаат помалку слободни викенди од вработените: 4 проценти од нив мора да бидат на работа во споредба со 18,5 проценти од вработените. Кога станува збор само за вработените, Грција, Кипар и Северна Македонија остануваат во водство со стапки над 30 проценти, по што следуваат Швајцарија и Малта, малку под 29 проценти.
Што се однесува до самовработените, односно работодавачите, Грција повторно покажува највисока стапка од неверојатни 75 проценти. Работењето за време на викенди не мора да значи повеќе часови работа вкупно. Сепак, во случајот со Грција, бројките се во согласност со другите податоци на „Евростат“ кои покажуваат дека Грците имаат тенденција да работат подолго време од кој било друг во ЕУ.












