Министерот за здравство, Азир Алиу денеска на прес-конференција рече дека Македонија е меѓу најдобрите земји во светот во намалување на неонаталната смртност за деца под пет години, според извештајот на Обединетите нации.
За неполна деценија, неонаталната смртност е намалена за 87 отсто, од 8,1 на 1,1 смртни случаи на 1.000 живородени деца, а смртноста кај деца под 5 години е намалена за 75%, од 11,1 на 2,8 на 1.000 живородени деца.
„Овој глобален извештај за 2025 година кој беше објавен вчера покажува дека Македонија е рангирана меѓу најдобрите земји во светот во намалување на неонаталната смртност на децата под 5 години. Нашата држава е прикажана како успешен пример за намалување на неонаталната и смртноста на децата под 5 години, на глобално ниво, како резултат на заедничките активности и координацијата на Комитетот за безбедно мајчинство при Министерството за здравство и партнерите Фондот за деца при Обединетите нации, Светската здравствена организација, Фондот за население на Обединетите нации и партнерите. Глобалниот извештај за 2025 година покажува дека стапката на смртност кај новороденчињата за неполна деценија е намалена за 87%, од 8,1 на 1,1 смртни случаи на 1.000 живородени деца, а стапката на смртност кај деца под 5 години е намалена за 75%, од 11,1 на 2,8 на 1000 живородени деца“, рече Алиу.












