четврток, ноември 5, 2026
Дома СПОРТ Седлоски да сфати дека е лошо за еден да бидеш мајка, а...

Седлоски да сфати дека е лошо за еден да бидеш мајка, а за друг маќеа

34

Ретки се тие кои имале „кец“ во ракав и не го искористиле, а од вторникот друштво на тие им прави и селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Гоце Седлоски.

На 13. ноември „црвено-жолтите“ ќе гостуваат во Шкотска каде ќе го одиграат петтот натпревар од новото издание на Лигата на нации.

Не само што не знае за победа, Македонија на претходните четири натпревари во Лигата на нации, прими десет погодоци, не постигна ниту еден и упати само еден директен удар кон противничкиот гол.

И кога спортската јавност во нашата земја помисли дека Седлоски има план како да се погоди противничката мрежа, селекторот истата таа јавност ја шокираше со информацијата дека „привремено“ се откажува од Бојан Миовски, единствениот фудбалер кој совршено го познава шкотскиот менталитет, кој неколку години игра во Шкотска и кој го носи дресот на шкотскиот гигант, Глазгов Ренџерс.

Седлоски потврди дека Миоски не добил повик поради скромната минутажа во клубот и затоа опција во нападот ќе бидат фудбалерите од домашниот шампионат, Марко Ѓорѓиевски (Шкендија), Азер Омерагиќ (Вардар), Христијан Малески (Струга Трим Љум).

-Миовски долго време нема минута во Ренџерс и затоа се одлучив за овие четворица. Тој не е избришан од составот но кога ќе има поголема минутажа ќе биде со нас.  Кога не играв за клубот, и јас не бев повикуван, изјави Седлоски.

Факт е дека Миоски има скромна минутажа и има постигнато само еден гол во актуелната сезона, но толку има постигнато и повиканиот Азер Омерагиќ, кој игра во македонската Прва фудбалска лига против тимови како Брегалница, Скопје, Шкендија Арачиново, Арсими, Башкими и на последните седум натпревари не се запишал во листата на стрелци, а игра по 90 минути.

Синот на првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) последен пат се има запишано во листата на стрелци на 31. август, и затоа одлуката на Седлоски да го „избрише  “, Миовски и повторно да го повика Омерагиќ наиде на негодување кај македонските навивачи.

-Миовски е 100-пати подобар од Омерагиќ. Тој е едно дрво и ништо друго, а Миовски за него е цар, ама дрво вика дрво. Оди си веќе Седлоски, дрво некое.

-Битно татиниот син со две леви нозе е повикан!

-Сигурно си воодушевен од настапите на Омерагиќ па го изостави Миовски, а бе бегајте срамот нема друго име.

-Омерагиќ е фиксен, а во Кавадарци против Тиквеш не истрча ни 100 метри, ама наш е.

-Омерагиќ има минутажа најмногу од сите, и е во одлична форма. Ако во прв план е формата, тогаш и него ќе го нема во репрезентацијата, мора да има ред.

-Само ти не можеш да бидеш селектор, тебе и во твоето Коњари не би те зеле за тренер а не пак за репрезентација.

Миовски, светски играч, не е повикан, Омерагиќ 7 натпревари во Мак лига нема гол даено. Тој ќе играл! Оди скри се негде.

-Супер, Миовски не го бива ама затоа е тука Омерагиќ, друг не ти ни треба, сам ќе ги реши сите, вакво чудо од голгетер еднаш во 1000 години се раѓа, се само дел од коментарите на социјалните мрежи.

За крај, јавноста со право се прашува дали Седлоски ќе понесе одговорност доколку Македонија со нула бодови го заврши новото издание од Лигата на нации или повторно селекторот ќе најде алиби за неуспехот како после претходните порази кога прво се жалеше од репрезентативците, па ги фалеше, па викаше дека дел од нив одиграле катастрофално против Швајцарија, потоа тврдеше дека играме во тешка група и дека поквалитетна репрезентација од Швајцарија не гостувала на националната арена „Тодор Проески“ и најновото дека нема повеќе да дозволува да доаѓаат играчи во Скопје и да се однесуваат како да се на одмор.

-Нема повеќе да дозволам да доаѓаат играчи во Скопје и да се однесуваат како да се на одмор. Репрезентацијата не е место каде што ќе дојдеш, ќе се видиш со фамилијата и со другарите и ќе испиеш кафе. Секој мора да го даде максимумот, порача селекторот.

ИЗДВОЕНИ