Македонската кошаркарска репрезентација, денеска (18:00 часот), го игра вториот натпревар од вториот круг на претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029. По убедливиот триумф над Австрија (91:59) на гостински терен, избраниците на Жозеп Марија Берокал сега ги очекува дуел со Кипар, кој ќе се одигра во спортската сала „Лазар Лечиќ“ во Скопје.

Македонија посакува продолжување на победничкиот ритам и нов успех пред домашната публика, но противникот заслужува максимален респект. Кипар во првото коло ја совлада Австрија со 77:72, па јасно е дека нашите кошаркари ги очекува сериозен предизвик.

Селекторот Берокал бара максимална дисциплина и сериозност од своите избраници, нагласувајќи дека сè уште ништо не е решено и дека секоја победа е важна во трката за следната фаза.

  • Ништо не е готово во оваа фаза од претквалификациите. Секоја победа секако нè носи поблиску до целта, па затоа сме фокусирани на тренинзите и на подготовките за следниот меч. Мора да бидеме паметни, секој да даде сè од себе на теренот, затоа што овој меч со Кипар ни е многу важен. Тоа е шанса да бидеме поблиску до целта, а тоа е пласман во следната рунда. Мора да одиграме сериозен натпревар, истакна Берокал.

Говорејќи за противникот, Берокал издвои неколку квалитети на кипарската селекција, особено разновидноста во играта и можноста на кошаркарите да покриваат повеќе позиции.

  • Кипар е добар тим, има шутери, играчи кои можат да играат на повеќе позиции и да се ротираат. Имаат талент во тактичкиот дел и ги гледаат работите на различен начин. Не го знаеме нивниот конечен ростер, затоа што често се менуваат работите во овие ФИБА-прозорци. Она што го посакувам и го барам е максимално сериозен и дисциплиниран натпревар од мојот тим, заклучи Берокал.

Пред дуелот владее оптимизам и меѓу репрезентативците. Виктор Ташовски верува во квалитетот на македонскиот состав и очекува победа, но и голема поддршка од трибините.

  • Целта ни е да победиме. Сметам дека сме поквалитетна репрезентација од Кипар, но треба да го докажеме тоа. Се надевам на полна сала и да ја претставиме Македонија во најдобро светло, вели Ташовски.

Македонскиот репрезентативец предупредува дека Кипар е квалитетна селекција, но се надева дека нашите кошаркари ќе бидат комплетни и ќе стигнат до убедлив триумф.

  • Со оглед на тоа што победија против селекцијата на Австрија, се работи за добар тим. Имаат нова репрезентација, но не очекувам изненадување на овој натпревар во Скопје. Се надевам дека ќе извојуваме победа со што поголема разлика, на радост на македонската публика, додава Ташовски.

Македонија има можност со нов триумф да направи важен чекор кон следната рунда, а поддршката од навивачите може да биде значаен фактор.

ИЗДВОЕНИ