Русија подготвува терен за анексија на два окупирани грузиски региони, Абхазија и Јужна Осетија, предупреди грузиската Државна безбедносна служба, оценувајќи дека руската окупација претставува најголема безбедносна закана за земјата.
Заменик-директорот на службата, Давит Арчвадзе, го презентирал годишниот извештај пред парламентарниот Одбор за одбрана и безбедност, во кој се наведува дека Москва се обидува не само да ја задржи контролата врз овие територии, туку и да ги обликува ставовите на локалното население за да создаде поволни услови за нивно припојување кон Русија.
Според проценките на грузиските разузнавачи, за таа цел Москва користи финансиски и економски притисоци, дезинформации и пропаганда. На жителите на окупираните региони им го олеснила добивањето руски пасоши и возачки дозволи, а таму испратила и припадници на руската сообраќајна полиција.
Во текот на 2025 година било интензивирано поврзувањето на двата региона со Русија преку воздушен, железнички и поморски сообраќај. Како особено значаен чекор е посочено повторното отворање на аеродромот во Сухуми, главниот град на Абхазија, што грузиската служба го оценува како дополнителен инструмент за зацврстување на руската контрола.
Спроведувањето на руската политика го надгледува Сергеј Кириенко, првиот заменик-шеф на администрацијата на рускиот претседател Владимир Путин, кој минатата година девет пати ги посетил окупираните региони.
Извештајот посочува и дека Москва финансиски ги поддржува локалните власти, но истовремено врши притисок врз противниците на припојувањето кон Русија. Против некои активисти и новинари биле покренати кривични постапки, на дел им било одземено руското државјанство, а други биле ставени во регистарот на странски агенти.
Русија спроведува и политика на русификација преку образовни програми и иницијативи за младите. Особено се изложени на притисок грузиските наставници во Абхазија кои им овозможуваат на учениците да следат настава на мајчиниот јазик.
И покрај руските активности, грузиската безбедносна служба забележала засилување на антируското расположение меѓу населението во Абхазија.
Во текот на 2025 година биле регистрирани 74 случаи на незаконско приведување, од кои 40 во Абхазија и 34 во Јужна Осетија. На крајот на минатата година во притвор сè уште се наоѓале 15 грузиски државјани. Евидентирани биле и 58 случаи на незаконско поставување или зацврстување пречки долж административните граници на окупираните територии, речиси сите во Јужна Осетија.
Абхазија и Јужна Осетија излегоа од контрола на грузиските власти по вооружените судири во почетокот на 1990-тите години. По војната со Грузија во 2008 година, Русија на 26 август истата година ја призна нивната независност и воспостави воени бази во двата региона, но досега формално не ги припои кон својата територија.
Двата региона зафаќаат речиси 20 отсто од меѓународно признатата територија на Грузија. Грузија и големото мнозинство држави во светот не ја признаваат нивната независност и ги сметаат за делови од грузиската територија под руска окупација.
Европскиот суд за човекови права во 2021 година утврди дека Русија и по завршувањето на војната во 2008 година има ефективна контрола врз Абхазија и Јужна Осетија, поради силното воено присуство и зависноста на локалните власти од Москва.
Евентуалната анексија би значела Русија и формално да ги прогласи за дел од својата територија областите врз кои со години има фактичка контрола.












