Сирискиот судија Хана Хатаб беше заменет на полувремето за време на натпреварот од Лигата на шампиони 2 на АФЦ (AFC) помеѓу Ал Џазира и Гол Гохар, откако претставници од двата клуба тврдеа дека го виделе како консумира алкохол.
Натпреварот се одигра во средата во Абу Даби, а на почетокот на второто полувреме, присутните забележаа дека четвртиот судија ги презел должностите на главниот судија на местото на Хатаб, пренесува иранскиот спортски портал „Варзеш3“ (Varzesh3).
Инцидентот започна во 32-рата минута. Откако левиот бек на Ал Џазира направи прекршок врз играчот на Гол Гохар, Али Асгар Ашури, Хатаб му додели жолт картон на турскиот голман на домаќините, Ерсин Дестаноглу.
Играчите и стручниот штаб на Ал Џазира остро протестираа, што предизвика прекин на играта во траење од околу четири минути, според иранскиот портал „Егтесадњуз“.
На полувремето, тренерот на Гол Гохар изјави за „Варзеш3“ дека судијата „не бил во нормална состојба“ и дека ја известиле Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ) оти нивниот тим нема да излезе на теренот за второто полувреме.
По заканата од иранскиот клуб и пријавата поднесена до АФЦ, беше одлучено четвртиот судија да ја преземе улогата на главен судија, со што се овозможи Гол Гохар да се врати на теренот. Според „Варзеш3“, и од Ал Џазира забележале дека судијата се однесува невообичаено, за што ги известиле претставниците на АФЦ.
АФЦ сè уште нема дадено официјално објаснување зошто Хатаб бил заменет, а иранските медиуми напоменуваат дека наводите за консумирање алкохол сè уште не се потврдени. Ал Џазира победи со 1-0 благодарение на голот на Талиска. Иранскиот правен експерт Хушанг Насирзаде изјави за „Варзеш3“ дека овој инцидент би можел да доведе до поништување на резултатот.












