четврток, јуни 4, 2026
Дома КОЛУМНИ МАЈКАТА СЕКОГАШ Е СВЕТИЦА!

МАЈКАТА СЕКОГАШ Е СВЕТИЦА!

418
Богородица Пелагонитиса од манастирот „Свето преображение“ во Зрзе е од десната страна на царските двери, иако според правилото треба да е од левата страна, зашто од десната секогаш стои иконата на Исус. Според преданието, при изградбата на иконостасот, мајсторот ја ставил од левата страна, но ноќта таа самата ја променила страната. Потоа му се сонила на мајсторот и му рекла дека не може да поднесе да биде свртена со грбот кон својот Син.
ПОЧИТ ЗА СИТЕ МАЈКИ (ЖИВИ И ПОЧИНАТИ) ОД СИТЕ ВЕРИ, БОИ И НАРОДНОСТИ

 

Проф. д-р Марко КИТЕВСКИ

Една македонска народна пословица вели дека „секој кога плачит, викат олеле, мајко!“ И многу други пословици се однесуваат на мајката, на нејзиното место во куќата, на нејзината жртва за децата: „Таткото и мајката курбан се чинат за челадта“ или „Оф, рече детето, мајката веднаш ќе а заболи срцето“ итн. Во многуте бурни времиња на буни и востанија, на локални и на светски војни, кога биле мажите подолг период отсутни или кога, поради сиромаштијата, оделе на печалба подалеку од родниот крај, мајката била таа што ја носела целата тежина на куќата на својот грб. И никогаш не се жалела. Товарот го носела храбро и достоинствено.

Нашиот народ ја вика Пресвета Богородица мајка на сите мајки. И верува дека таа е заштитничка на жените, особено на леунките, дека им помага на жените што раѓаат. Исто така, се верува дека им помага и на жените што немаат деца. Затоа, посетувајќи ги црквите, тие се молат пред нејзините икони и ги даруваат. Има и чудотворни икони со ликот на Пресвета Богородица што се особено почитувани. Во една книга што била многу популарна во минатите векови и често препишувана, се раскажува за стотина чуда што ги направила Божјата Мајка („Чудеса пресвјатија Богородици“).

Марко Цепенков сведочи дека Богородица ја почитувале и жените Турчинки. Во Разлог, кога ќе ѝ дојдело на некоја жена Турчинка да раѓа и ако не можела лесно да се породи, бабата ја викала Богородица на помош. „Ела, Муарем-ано, ела да је поможиш на оваа сирота што се мачи и не можи да роди. Поможи е Муарем-ана за побрго да родит. (У нас Муарем-ана ја викаат Богородица, по турцки). Штом роди жената и се ослободи, туку ќе сврти другио лис бабата и ќе земит метлата в раце, та ќе ватит да метит околу куќата, а најпоеќе околу леунката и ќе вели: ‘Бегај Муарем-ано, бегај оти овде турцка е куќата’. И со тоа велење од бабата, веруаат жените оти ќе му дојди Муарем-ана за да им поможит и пак ќе си одит“.

Според едно предание од Мариово, и сонцето имало мајка. „И Сонце си има мајка оти ништо живо не је без мајка. Секоје животно и сам Господ си има мајка“. А бидејќи многу работело, цел ден, „од една до друга крајина земја“, сонцето многу огладнувало. „Оно јади секоја вечер три казани чорба и девет вурни леб. А мајка му се крије зад врата кога ќе си иди Сонце од работа, да не ја изеди“.

Во народните песни, мајката ги советува децата. Во една песна, кога ја остава мажот жената, таа ги учи своите деца да бидат послушни кон новата мајка („машчеа врла душманка“), а кога ќе пораснат: „Купете си врани коње, /па одете по са земја, /да терате милна маќа“.

Силни емоции содржат стиховите од една песна во која синот ја убива мајката само за да ја придобие љубовта на жената. Ѝ го вади срцето и трча да ѝ го однесе на лошата невеста. Трчајќи, се сопнува и паѓа, а крвавото мајчино срце писнува во мајчинската болка: „Леле јас сирота, ми се повреди детето“.

Во некои печалбарски песни, мајката го тера сина си да оди на печалба поради сиромаштијата, да обезбеди леб за семејството, во други песни не го пушта зашто без него сè ѝ е празно: „Ја качи се горе на чардак, / Да видиш небо без ѕвезди, / Така ќе бидам, синко, без тебе“.

А и печалбарот секогаш мисли на мајката. Еден страдалник од селото Битуше, Дебарско, по име Трпе Фидановски, кој  тргнал на печалба кога имал само десет години, во своите спомени пишува за страдањето и мислата за својата мајчица: „Мене ми е многу домочено. Дома не су појден. Еве веќе пет години мајка не су ја видел. По цели ноќи ја сонува. Секое утро солзите сами ми течет од жал шо не су ја видел мојата мила мајчица. Ама шо да права“.

Уште еден печалбар од дебарскиот крај доста емотивно ја опишува разделбата со мајка си при одењето на печалба. Крсто Костов од селото Р’беле, (сега во Албанија), како дете се скарал и се степал со некое дете Турче од селото, повредувајќи го. Иако оздравело, повреденото дете неколку пати се обидело да му се одмазди и да го убие. Затоа, иако бил уште млад, татко му решил да го земе на печалба во Бугарија. Малиот Крсто на почетокот се радувал што ќе ја види Софија за која толку се раскажувало во неговиот крај, но кога дошло време за тргнување, ја гледал мајка си како плаче и не била расположена („но гледаше јас да не ја видам“). Вечерта спроти денот за тргнување, кај нив дошле многу роднини да им посакаат добар пат и побрзо да се вратат. „И кога се збогувавме вечерта, некои блиски роднини – жени плачеа. Ја гледав мајка ми, станала како вејка од голема тага, ниту јадееше, ни знаеше пред гостите испраќачи каде шета и што зборува“. Ноќта  излегла на чардакот за да не ја види тој, плачела и му зборувала на својот сопруг: „Знаеш дека без тебе бев 8 години, но за утеха ми беше детето, а сега и него ми го земаш! Од три деца, само тоа ми остана, а сега останувам и без него како кукавица, поубаво да не сум жива, сама без него!“

Познатиот кратовец, заслужен фолклорист, историчар, лингвист и револуционерен деец, Ефрем Каранов, во своите спомени од ученичките денови во Цариград впечатливо ги опишува носталгијата за родниот крај и мислата за својата мајка. Најпрво, кога решил татко му да прати две од четирите деца на школување во Цариград, „мајка ни, длабоко потресена, плачеше и велеше: ‘Хванали са го цанцалете’“ (т.е. ѓаволите).

Потоа, кога фатила чумата во Цариград, школите престанале да работат, некои ученици си заминале, но оние што не можеле, останале. Додека ги преживувале тие страшни денови, добиле писмо од мајка си во кое пишувала: „Златни деца, татко ви ве продаде и мене ме зацрни. Јас одам тажна и неволна, каде и да одам, седам и за вас мислам и плачам… А сега, кога биела таа слатка, блага мајчица, да не ѝ го кажувам името, мојата мака нема крај. Кријте се, деца, да не ве види, не излегувајте пред неа… Како луда сум, та не знам што зборувам… Секој ден палам свеќи пред иконостасот и ја молам света Богородица да ве чува и ја молам благата која сега царува во Цариград со овие зборови: ‘Ако си стара, биди им мајка на моите деца, ако си млада, биди им сестра…’“  „А јас често сум мислел“, вели Каранов, „дали ќе се заборави тагата, маката на мајката за децата“.

Како ли се чувствувале тие мајки што имале синови учесници во револуционерните движења или што биле учесници во воените дејства во балканските и во светските војни. По Мирцтешките реформи во охридскиот крај, ситуацијата на теренот ја надгледувале италијански офицери. Еден од нив, Еторе Лодди, повеќе се заинтересирал за револуционерното движење во овој крај и за неговите водачи. Тој ја повикал мајката на Христо Узунов за да ја информира за дејноста на нејзиниот син. „Пишете му на вашиот син да се прибере дома; инаку ќе биде убиен“, рекол тој, на што баба Анастазија му одговорила: „Како да му пишам?  Не знам каде е в град, в село, в планина. Кога тргна, ми рече дека, освен мене, има и друга мајка – татковината и дека оди за да се врати со слобода или, пак, да умрте за неа“. По ова, италијанскиот офицер ја потчукнал по рамото и ѝ рекол: „Штом има такви синови, вашата општа мајка нема да загине“. А таа општа мајка беше татковината Македонија.

Ни Узунов не ја заборавил својата мајка. Во едно писмо ѝ порачува: „Мила ми мајко, јас сум прв твој син и мој долг е да бидам околу тебе за да не чувствуваш потреба од ништо. За твојата беспределна љубов, за илјадите неволи и страдања, за безбројните бесони и мачителни ноќи, поминати некогаш над леглото над твојот мал, слабичок Дуле, јас должам најголема грижа и неизмерна синовна љубов. Но можам ли, кога ги чувствувам болките на нашата измачена татковина, да не се оддадам со љубов на најверен син на нејзиното свето дело?

Маките на татковината се повеќе од сите страдања на секоја наша мајка. И јас – без ни најмалку да те навредувам, се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија отколку на тебе, која си ме родила. Те молам, во името на моите свети чуства кон тебе, да не жалиш, ни да плачиш за мене. Најдоволен ќе се чувствувам ако ти со своето држење бидеш за пример на другите мајки и сопруги“.

Еден учесник во македонското ослободително движење од илинденскиот период по име Петар Манџуков бил осуден на смрт, а казната му била замената со доживотен затвор. Во своите спомени се сеќава за престојот во затворот Куршумли-ан. „Татко ми оди заедно со стражарите и одвреме-навреме си ги брише очите со чалмата“. Мајка му не била тука, но дошла подоцна. „По извесно време ме викаат: дошла мајка ми да ме види. Таа не плаче. Ми зборува нешта кои немаат никаква врска со днешната пресуда, а во тонот со кој ми зборува, се доловува шеговита нота. Кутрата мајка! Таа го чува својот очај и своите риданија за времето кога ќе се оддалечи од затворот и кога јас нема да ја забележам…“

Во затворот, некој си амиџа Рустем, „Арнаутин од Призренско, белобрад старец, малку подгрбавен, со пранга на ногата“, кој повеќе од 26 години лежел таму, разбрал за новиот осуденик и дошол да го утеши. Откако го прашал дали убил човек и дали јадел човечко месо, на што Манџуков одговорил: „Може ли такво нешто да се помисли“, му рекол: „Значи, човек не си убил, не си јадел човечко месо. Тоа е убаво, зашто само убиството на човек е вистински престап. Каков и да е, тој Турчин или христијанин, Арнаутин или Србин, Евреин или Ерменец, богат или сиромав, добар или лош – тој е човек, не треба да се убива, тоа е злостор. Се друго што не ја засега човечката личност и се смета за злосторство, е ветар!“ Потоа му рекол: „Е, момче, твојата работа е ситна работа. Ти ќе излезеш од овде. Бидејќи затворот е како река: ситниот песок минува-заминува, само крупните камења како мене, само тие остануваат на дното“. Тогаш амиџа Рустем му ја раскажал својата историја. „Тој бил телохранител на еден трговец од Митровица, кој имал син, еден лекомислен младинец. Во една караница тој му ја опсул мајката на Рустем. Мајката, тоа е света работа. Може да се случи жената да е ороспија, но мајката е секогаш светица. Преку маките при раѓањето и преку одгледувањето на децата, мајката ги отплаќа сите гревови како жена. Мајката не смее да се пцуе. Кај нас таквото пцуење се плаќа со крв… Тој кренал рака да го убие навредувачот, но наишол таткото; верен на својата клетва да се почитува господарот, амиџа Рустем ја проголтал навредата. Поминало година-две таткото и синот ја заборавиле навредата, но не ја заборавил и амиџа Рустем. Еднаш господарот го пратил сина си по селата да собира вересии и за придружник му го дал амиџа Рустем.  Некаде на патот близу до едно анче, амиџа Рустем слегол од коњот и го фатил за уздата коњот на синот на господарот. ‘Слегувај од коњот! Брани се! Ти имаш да ми плаќаш едно пцуење мајка!’, му рекол. ‘Слегувај јас не сум ти дал беса!’

Синот слегол од коњот, коленичил пред амиџа Рустем и почнал да се моли за прошка. ‘Ти си бил плашлив гад!’ , му рекол амиџа Рустем. ‘Можеш да ги пцуеш мајките на луѓето, а ти е страв да се браниш! Јас нема да си го трошам куршумот за таков подлец!’ Го извадил јатаганот и го убил синот на господарот. Оѕверен од крвта при убиството, тој отсекол парче месо од бутот, отишол во анчето, пекол и јадел од месото. Бил осуден на смрт, заменета со доживотен затвор. Оттогаш поминале повеќе од 26 години. Тој – тешкиот, големиот камен – оттогаш лежи на дното на реката, каде што покрај него многу вода протекло и многу ситен песок поминал-заминал… ‘А  можев и да не го убијам! Можев, но кај нас секој би покажувал со прст: Гледајте го! Еве овој човек може да трпи да му ја пцујат мајката неказнето!’

Амиџа Рустем се загледа напред, ја наведна главата и проговри како за себе: ‘Дали можев? Сигурно не сум можел и затоа го убив…’ Тој се поткрена да си оди, се потпира на стапот и ми вели: ‘Гајрет чоџум. Ти си ситно песокче, брзо ќе протечиш покрај нас, големите камења! Не очајувај! Алах бук д’р! (Голем е Господ.)’“

Петар Манџуков во своите спомени пишува и за велешанецот Диме Мечев. По еден инцидент, тој избегал од Велес, станал нелегален и пребегал во Софија. Во Велес ја оставил мајка си, на која ѝ бил единственото дете. Несреќната мајка безутешно плачела и повторувала: „Да си го видам Димета мој уште еднаш и тогаш да умрам“. Диме се сликал и ѝ го испратил портретот на мајка си. Кога таа ја видела сликата на синот, од жал и мајчина милост по него, навистина умрела.

Во анархистичкото движење на кое му припаѓал П. Манџуков членувал и Слави Мерџанов по потекло од градот Карнобат. Овој С. Мерџанов доста необично реагирал кога разбрал дека умрела мајка му. „…едно утро – многу рано – кај нас во хотелот дојде Слави Мерџанов, силно возбуден. Уште при влегувањето тој шумно прими воздух, потоа воздивна и проговори со неприродно весел глас:

– Најпосле! Најпосле сум слободен!

– Но, кога си бил уапсен? Какви се тие мистерии од тебе.

– Ви велам дека најпосле сум слободен! Сношти доцна дознав дека мајка ми умрела. Во целиот мој живот, една мисла постојано ме сопнуваше – дека голема болка ќе и причини ако се случи да ме убијат… Сега сум слободен – мојата смрт нема да причини болка на никого…“

Во Автобиографијата, Григор Прличев често ја споменува мајка си. Како дете, многу страдал кога ја гледал како работи по туѓите куќи. Еднаш, кога ја видел со голем, мокар и тежок килим на главата („кого и маска со мака би го носела“), срцето му се раскинало. „Јас плачев како некој да беше ја убил мајка“, А кога го прашала мајка му: „Што плачеш , синко?“, тој ѝ рекол: „Еда така ли нано ќе робуваме?“ на што таа му рекла: „Синко! Велат оти знаеш многу книга, а ти си уште мал и не знаеш. Ги знаеш мошне добро небесните работи, а земните не ги знаеш. Тука на земјава секој е роб. Блазе си му на оној што со труд се извишува себеси. Горко на оној што со дембелство се унижува себеси“.

Кога го воделе во затворот во Дебар, таа го бодрела. „Мајка ми ме повика и целивајќи ме, ‘биди ми јунак’, ми рече. ’Ако ли не јас ќе умрам од тага. Четири сирачиња маленки ми останавте од татка си; ти дури и не го помниш, ти беше шестмесечно младенче – седаче. Ве изранив со јуначко земјоделие и туѓоработништво. Не бој се! Пред св. Климента горат безбројни кандила. Ако ми се уплашиш, арам да ти е моето млеко’“.

По враќањето од Атина, со првите пари што ги заработил како учител, ѝ купил бунда на мајка си. „Тога прво се удостоив да направам мајце си бунда (долга сукнена дреа подвиена со кожув). Кога и ја поднесов многупати ме бакна: она никогаш не беше носила таква дреа. Си ја облече и излезе по улицата. Постапката и беше ангелски горделива. Рајска усмевка и ги растегаше избрчканите усни. Како што веруваше во Бога, исто така веруваше дека и сите сосетки ќе се радуваат заедно со неа. Ниеден ден во својот живот не сум бил толку блажен колку тој ден. Жени и девојки ја обиколија и јас се повлеков.

Кои беа причините за таа општа почит кон мајка? Да ви раскажам неколку од нив.

Правело ли пакост дете во некоја куќа – мајка беше поканета да го вразуми. Се скарале ли невеста со свекрва, или девер со снаа, или јатрва со јатрва, таму мајка беше викана. Како што телото и беше железно така и викот и беше генералски. Трепереа од неа развратните. Се разболел ли некој – никој не можеше да го окуражи како мајка. Кога хирургот од немарност го оставаше болниот да тлее од треска додека да се појави глава на отокот, мајка со изострена борина ја правеше операцијата, извадуваше легени гној и добиваше благослови. Чудесно нешто! Нејзините кури никогаш не се помрачија со неуспех. Колку Ескулап (богот на медицината) ме мразеше мене, толку ја милуваше неа. Да ви кажам и друго: опишаната во „О арматолос“, Неда, не е друга освен мајка ми и Нединото сновидение – мајчино ми сновидение. Толку е верно дека мајчината љубов помага и во пишувањето“.

Чешкиот писател, сликар, музичар и воопшто културен деец, Лудвик Куба, кој два пати ја посетил Македонија, бележел народни песни, сликал мотиви, се одушевувал од Охрид и Галичката свадба, а по цитирањето на стиховите „До три ми пушки пукнале,/ До три јунаци, леле, Боже, паднале, /До три ми мајки, леле, Боже плакале“, запишал дека некој негов пријател, Чех, кој во својата службена должност добро ја познавал Македонија, му велел: „Нема на светов најнесреќна мајка од Македонка. Постојано се тресе над животите на своите луѓе“.

Честит празник!

(авторот е универзитетски професор и проучувач на македонскиот фолклор)

ИЗДВОЕНИ