По повеќе од 12 години пауза, се обновува транспортот на дизел од Солун до терминалот кај ОКТА во Миладиновци, со очекувања за пониски трошоци за транспорт, посигурно снабдување и економска корист за државата

 

По повеќе од една деценија прекин, повторно започнува функционирањето на продуктоводот Солун – Скопје. Компанијата ВАРДАКС АД информира дека линијата е ставена во функција по завршувањето и верификацијата на сите потребни технички, оперативни и регулаторни процедури.

Со тоа, повторно се воспоставува транспортот на нафтени деривати, пред сè дизел-гориво, од терминалот на ВАРДАКС во Солун до терминалната станица кај ОКТА во Миладиновци. Од компанијата посочуваат дека квалификуваните трговски компании заинтересирани за користење на продуктоводот можат да се информираат за процедурите и за условите преку веб-страницата на операторот.

Продуктоводот е лиценциран за транспорт на сурова нафта и нафтени производи, а неговото повторно активирање треба да придонесе за поефикасно снабдување со горива и намалување на потребата од транспорт со цистерни или железнички композиции. Експертите сметаат дека трошоците за транспорт на дизел преку цевковод се значително пониски во споредба со транспортот со камиони, што може да има позитивно влијание и врз цената за крајните потрошувачи. Дополнително, се отвора можност Македонија да стане центар за извоз на горива на соседните пазари, како Косово, Србија и Бугарија.

Регулаторната комисија за енергетика на 9 ноември 2023 година издаде лиценца за вршење енергетска дејност – транспорт на нафтени деривати преку продуктовод, односно транспорт на дизел според стандардот МКС EN 590, со рок на важност до 2058 година.

Според ценовникот за транспортни услуги на ВАРДАКС објавен овој месец, од компанијата утврдиле дека надоместокот за транспорт ќе изнесува 14,5 евра по кубен метар и во цената не е вклучен ДДВ.

Редовниот пренос на дизел од терминалот на ВАРДАКС во Солун до терминалната станица во ОКТА – Миладиновци ќе го обезбедува друштвото „Нафтовод“ ДООЕЛ Скопје. Со тоа се отвора можност и за директни приходи за државата, која преку оваа компанија учествува со 20 проценти од капиталот во ВАРДАКС. Државата ќе учествува во профитот од работата на продуктоводот преку дивиденди, но и преку такси за пренос на енергенти. Зголемениот обем на транспорт и дистрибуција би можел да донесе и поголеми приходи по основ на данок на добивка, додека поевтинувањето на логистиката би значело и индиректни заштеди за јавните институции и граѓаните.

Грчките медиуми јавуваат дека повторното активирање на нафтоводот доаѓа по повеќе од 12 години пауза и го оценуваат како значаен инфраструктурен и енергетски проект за регионот. Според нивните анализи, линијата долга околу 213 километри има капацитет за транспорт до 2,5 милиони тони сурова нафта и нафтени деривати годишно, вклучително дизел, керозин и бензин.

Дополнително, се отвора можност Македонија да стане центар за извоз на горива на соседните пазари, како Косово, Србија и Бугарија.

Покрај економските, проектот има и стратешки и геополитички ефект, бидејќи поврзувањето преку оваа инфраструктура ја намалува зависноста од други надворешни пазари и транспортни маршрути.

(С. Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ