петок, ноември 20, 2026
Дома БАЛКАН Мајката на Данка Илиќ по денешното сослушување првпат им се обрати на...

Мајката на Данка Илиќ по денешното сослушување првпат им се обрати на медиумите: „Се надевам дека е сè уште жива“

28

Ивана Илиќ, мајката на двегодишната Данка Илиќ, денеска сведочеше пред Вишиот суд во Неготин на судењето против Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, обвинети за убиство на девојчето. По излегувањето од судницата, таа изјави дека семејството сè уште не губи надеж оти Данка е жива.

Девојчето исчезна на 26 март 2024 година во Бањско Поље, близу Бор. Вишото јавно обвинителство во Заечар тврди дека таа била убиена истиот ден, но нејзиното тело до денес не е пронајдено.

За време на своето сведочење, како што пренесуваат српските медиуми, Ивана Илиќ низ солзи ги опиша настаните од денот кога исчезна Данка. Таа раскажа дека дошла на семејниот имот од Бор со своите деца и дека ја изгубила од вид малата Данка додека му давала вода на својот син.

– Кога сфатив дека ја нема, му се јавив на сопругот и го прашав: „Каде е Данка?“ – изјави таа.

Таа остана при исказите што претходно ги даде во април 2024 и мај 2025 година.

Исто така, таа објасни зошто веднаш не ѝ спомнала на полицијата дека видела автомобил и некои луѓе на улицата. Наведе дека во тој момент била целосно фокусирана на потрагата по својата ќерка, а дека на тој детал се сетила дури два дена подоцна.

Зборувајќи за здравствената состојба на девојчето, таа кажа дека Данка и претходно губела свест во неколку наврати. „Надежта последна умира“

По сведочењето, Ивана Илиќ за првпат им се обрати на медиумите, наведувајќи дека семејството сè уште верува оти девојчето можеби е живо.

„Надежта последна умира, а ние веруваме дека таа можеби е сè уште жива“, рече таа, пренесува „Телеграф“.

Таа го истакна своето уверување дека обвинетите се одговорни за исчезнувањето и смртта на нејзината ќерка, напоменувајќи дека тоа е нејзино лично мислење.

Бранителот на Срѓан Јанковиќ, Живадин Богдановиќ, изјави дека обвинетите не оспоруваат оти на кобниот ден биле пред куќа во Бањско Поље, управувајќи бело службено возило.

Сепак, според него, спорно е на каков начин полицијата дошла до информациите за ова возило.

Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ вчера ги изнесоа своите одбрани; двајцата негираа дека го убиле девојчето.

Обвинителството бара доживотен затвор за двајцата.

ИЗДВОЕНИ