петок, ноември 20, 2026
Дома БАЛКАН Премиерот и министерот земале мито: Покренато обвинение против високи функционери во ФБиХ...

Премиерот и министерот земале мито: Покренато обвинение против високи функционери во ФБиХ за злоупотреба на службената положба

0

Посебното одделение на Обвинителството на Федерацијата Босна и Херцеговина (ФБиХ) за борба против корупцијата и криминалот (ПОСКОК) поднесе обвинение против повеќе функционери од тој ентитет.

Според сараевскиот портал Klix.ba, во предметот „Вахидин Муњиќ и други“, обвинети се поранешниот директор на Управата на полицијата на Федерацијата БиХ (ФУП), Вахидин Муњиќ; премиерот на Федерацијата, Нермин Никшиќ (на фотографијата); министерот за внатрешни работи, Рамо Исак; службеникот во ФУП, Мухамед Охрановиќ; шефицата на Кабинетот на премиерот, Аријана Хусеиновиќ-Ајановиќ; суспендираниот директор на Полициската академија при МУП на ФБиХ, Ервин Мушиновиќ; како и советничката на градоначалникот на Општина Ново Сараево, Мирела Бубало.

Предметот, кој во јавноста е познат како „Спенгање“ (Spenganje), се однесува на кривични дела злоупотреба на положбата или овластувањата, како и давање и примање поткуп за тргување со влијание.

Обвинителството, како што се додава, се сомнева во незаконски вработувања и унапредувања во полициските структури.

Обвинението сè уште не е потврдено, а за тоа ќе одлучува Посебниот оддел на Врховниот суд на ФБиХ.

Премиерот на Федерацијата, Нермин Никшиќ, за споменатиот портал изјави дека и тој дознал за предложеното обвинение од медиумите и одговорно тврди дека ниту едно од обвиненијата против него не е вистинито.

ИЗДВОЕНИ