Ислам Махачев останува шампион во полусредна категорија на УФЦ, откако го совлада Иан Мачадо Гари во главната борба на настанот на УФЦ 330 во Филаделфија. Рускиот борец славеше со едногласна одлука на судиите (49:46, 49:46, 48:47) во меч кој беше далеку понеизвесен од очекувањата. Со овој триумф, Махачев стигна до 17. последователна победа во УФЦ, со што го надмина легендарниот Андерсон Силва и постави нов рекорд на организацијата.
Шампионот од самиот почеток го наметна својот стил и во првата рунда успеа да го собори Гари, по што воспостави целосна контрола на партерот. Во втората рунда, Махачев дополнително го засили притисокот, а во еден момент го погоди противникот со висок удар во главата додека Гари се обидуваше да излезе од клинчот. Ударот повторно го испрати предизвикувачот на подот.
Сепак, Гари покажа дека нема лесно да се предаде. Во третата рунда започна да удира со нозе во телото и листовите на Махачев, а успеа да одбие и неколку обиди за соборување. Од блиско растојание, ирскиот борец зададе и неколку сериозни удари, со што внесе неизвесност во завршницата. Махачев постепено почна да покажува знаци на замор, а неговите напади беа сè побавни.
Русинот, сепак, во вистински момент повторно ја покажа својата класа. На самиот почеток од последната рунда успеа да го собори Гари и со тоа да ја осигури предноста пред судиите. На крајот, сите тројца судии му ја доделија победата на шампионот, кој ја продолжи својата неверојатна серија.
Триумфот против Гари за Махачев има историска тежина. Тоа беше неговата 17. последователна победа во УФЦ, со што го надмина рекордот на Андерсон Силва. Последниот пораз на Русинот датира од 2015 година, во неговиот втор настап во организацијата. Со новата победа, Махачев сега има професионален скор од 29 победи и само еден пораз.
По борбата, рускиот шампион испрати јасна порака: „Покажавме дека ние, Русите, сме број еден во светот. Ќе го срушиме секој рекорд.“











