понеделник, август 17, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Херојот од Кочани се закити со признание: Joван Костадинов кој спаси 21...

Херојот од Кочани се закити со признание: Joван Костадинов кој спаси 21 живот од опожарениот Пулс, добитник на светската награда „Младинска храброст 2026“

45

Дваесетгодишниот Јован Костадинов од Виница е меѓу 16-те добитници на престижната светска награда „Младинска храброст 2026“. Тој го доби ова признание за неговиот херојски чин во кој, ризикувајќи го сопствениот живот, спаси 21 лице за време на трагичниот пожар во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во март 2025 година.

Наградата ја доделува Академијата „Раул Валенберг“, во соработка со Шведскиот институт и шведските амбасади, за млади од 13 до 20 години кои преку морални убедувања, иницијатива и конкретна акција поттикнуваат позитивни промени во светот.

За овогодишното издание пристигнале номинации од граѓани, училишта и амбасади од 15 земји, меѓу кои Австралија, Канада, САД, Норвешка, Шведска, Полска, Србија и Црна Гора.

Наградата е востановена во 2015 година во чест на Раул Валенберг, хуманитарецот од Втората светска војна, наградата има за цел да покаже дека младите се пример за другите и активни двигатели на подобро и похумано општество.

Генералната секретарка на Академијата „Раул Валенберг“, Ана Уромби, истакнува дека „во време кога улогата на младите во обликувањето на општеството премногу често се потценува, поважно од кога било е да ги препознаеме оние кои создаваат позитивни промени во своите заедници и пошироко преку храброст, морални убедувања и конкретна акција“.

„Овогодишните добитници покажуваат како младите можат да ги претворат вредностите во дела и вистински да придонесат за подобар живот на другите, во духот на Раул Валенберг“,вели Уромби.

Според Мадлен Шестед, генерален директор на Шведскиот институт, фактот што наградата денес достигнува до повеќе земји од кога било „претставува јасен доказ дека посветеноста на младите кон човековите права и демократските вредности е глобална сила“.

„Со својата ангажираност, добитниците на наградата „Младинска храброст“ покажуваат дека тие не се само иднината, туку веќе денес се клучни двигатели на позитивните промени“,изјави Шестед.

Сите 16 добитници се поканети во Шведска од 25 до 28 август.

Официјалното врачување на признанијата ќе се одржи на Денот на Раул Валенберг, в четврток на 27 август во Стокхолм. За време на престојот, младите херои ќе учествуваат во едукативната програма „По стапките на Раул“, каде што меѓу другото ќе се сретнат и со шведската министерка за надворешни работи, Марија Малмер Стенергард.

ИЗДВОЕНИ