Лидерот на унгарската партија Тиса, Петер Маѓар, изјави дека идната влада нема да учествува во заемот од 90 милијарди евра од Европската Унија за помош на Украина, кој неодамна беше блокиран од сегашниот премиер Виктор Орбан и неговата влада.
– Ќе преговарам со европските лидери. Се согласувам дека Унгарија треба да биде изоставена од ова. Унгарија е во многу тешка финансиска ситуација, задачата сега е да ги врати дома парите што ѝ припаѓаат на Унгарија. Не можеме да си дозволиме да земаме нови заеми сега. Националниот долг на Унгарија се зголеми трипати од 2010 година – нагласи Маѓар еден ден откако партијата на Тиса постигна убедлива победа на парламентарните избори, објавува порталот Indeks.hu.
Зборувајќи за потенцијалното забрзано пристапување на Украина во ЕУ, Маѓар рече дека е невозможно земја во војна да биде примена во блокот.
– Значително мнозинство од земјите-членки не го сметаат ова за можно сценарио. Сите земји-кандидатки мора да поминат низ истиот процес, да преговараат за сите поглавја. Исто така, рековме дека во Унгарија ќе се одржи референдум за тоа дали Европската унија треба да ја прифати Украина, но тоа нема да се случи во следните неколку години, не во следните десет години – рече Маѓар.
Тој претходно нагласи дека Унгарија ќе биде конструктивен партнер во ЕУ, нагласувајќи дека сака Европа да има „силен глас“.












