Унгарскиот премиер Петер Маѓар изјави дека Будимпешта е подготвена да послужи како место за преговори за завршување на војната во Украина.
Во исто време, тој во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ ја изнесе својата визија за тоа кој и како би можел да ја гарантира безбедноста на Киев во иднина. Во интервјуто, Маѓар беше прашан дали доволна количина оружје за самоодбрана треба да се смета за неопходен дел од идните безбедносни гаранции за Украина. Унгарскиот премиер не се согласи со овој пристап.
Според него, вистинските гаранции можат да се обезбедат само од колективната политичка волја на водечките држави, а не од обемот на воена помош.
– Не верувам дека оружјето е гаранција за безбедност. Безбедносните гаранции можат да ги обезбеди само меѓународната заедница. Унгарија не може да игра одлучувачка улога тука. Ова е прашање за големите сили – рече тој.
Маѓар, исто така, истакна три области во кои Будимпешта е подготвена да придонесе за решение.
„Можеме да обезбедиме дипломатска и хуманитарна помош, а Унгарија би можела да послужи и како место за преговори“, рече тој.
Интервјуто беше објавено откако Маѓар го посети Берлин, каде што се сретна со германскиот канцелар Фридрих Мерц.
На заедничка прес-конференција, унгарскиот премиер потврди дека дури и под новата влада, Унгарија нема да испраќа ниту оружје, ниту пак, војници во Украина.












