
Се е подготвено за претстојниот самит Европска Унија- Западен Балкан кој ќе се одржи на 4 и 5 јуни во Тиват. За безбедноста ќе се грижат повеќе од 1.500 полицајци, работата на одредени угостителски и деловни објекти ќе биде привремено ограничена, дел од комплексот Порто Монтенегро ќе биде под посебен режим за пристап, а сообраќајот на Јадранската магистрала ќе биде повремено и целосно прекинат, почнувајќи од 4 јуни напладне,јави РТЦГ.
Издадено е соопштение со сервисни информации за граѓаните и за туристите кои во овој период ги има во голем број. Во него се наведува дека повремени и целосни застои на сообраќајот низ Тиват (аеродром-центар) ќе има од 4 јуни во 12 часот до доцните вечерни часови на 5 јуни. За време на минување на делегациите сообраќајницата ќе биде затворена за возила и пешаци. Можни се доцнења и промени во меѓуградските, меѓународните и локалните автобуски линии, а патниците за појдовни летови на 4 јуни треба да бидат на аеродромот најдоцна до 11:30 часот, додека информациите за 5 јуни ќе бидат објавени подоцна. Привремено ќе се суспендира фериботската линија Каменари-Лепетани поради затворањето на сообраќајницата. Ќе биде оневозможено движењето на пловилата од и до марината во Порто Монтенедгоро, а ќе биде ограничен и морскиот сообраќај околу подрачјето под заштита. Населбата Порто Монтенегро ќе биде затворена за посетители на 4 и 5 јуни.
-Превентивниот пристап и концентрацијата на силите се стандардна практика со цел да се минимизираат ризиците и да се зачува стабилноста на настанот. Ваквата практика не е невообичаена во ситуации кога се обезбедени настани со голем број ВИП учесници и зголемено меѓународно присуство – вели безбедносниот експерт Иван Пекиќ за Радио Црна Гора.
Претседателот на општина Тиват, Жељко Комненовиќ, нагласува дека локалната самоуправа направила сè што е во нејзина моќ за да обезбеди да нема гужви на аеродромот за време на пристигнувањето на делегациите.
-Најголемиот од делегациите, повеќе од дваесет, ќе слетаат на аеродромот Тиват, а ние ќе обезбедиме превоз со брод до Котор, Херцег Нови, Тиват и Будва, а до Будва и со автобус бидејќи ќе има голем број летови што веќе се најавени – објаснува Комненовиќ.











