Под мотото „Храбриот нов театар“, до 12 јуни, љубителите на театарската уметност ќе имаат можност да проследат вкупно десет претстави во официјална и четири во придружна програма. Фестивалот ќе биде затворен со гостување на Београдско народно позориште, кое ќе ја изведе последната праизведба на „Црно злато“ во режија на Оливер Фрљиќ, по текст на Дејан Дуковски, кој годинава е авторот во фокус

 

Јубилејниот 60. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, кој годинава се одржува под мотото „Храбриот нов театар“, стартува на 5 јуни, со претставата „Мачкина глава“, а до 12 јуни, љубителите на театарската уметност ќе имаат можност да проследат вкупно десет претстави во официјална и четири во придружна програма. Фестивалот ќе биде затворен со гостување на Београдско народно позориште, кое ќе ја изведе последната праизведба на „Црно злато“ во режија на Оливер Фрљиќ, по текст на Дејан Дуковски, кој годинава е авторот во фокус.

Покрај претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски и во продукција на Драмски театар – Скопје, во официјалната програма ќе ги видиме и „Амадеус“ од Петер Шефер во режија на Андреј Цветановски и во продукција на Турски театар – Скопје, „Едмонд“ од Дејвид Мамет, во режија на Оливер Мицевски (продукција на Народен театар – Битола), „Ивона, принцезата на Бургунд“ од Витолд Гомбрович, во режија на Билјана Радиноска, продукција на Театар Комедија – Скопје. Дел од оваа програма се и „Калигула“ од Албер Ками, во режија на Ѓорѓи Ризески, продукција на Народен театар – Куманово, „Носорози“ од Ежен Јонеско, во режија на Васил Василев, продукција на Албански театар – Скопје, „Случајната смрт на еден анархист“ од Дарио Фо, во режија на Ивана Ангеловска, продукција на НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар – Штип, „Страв и надеж“ по мотивите на Франц Ксавер Крец, во режија на Татјана Мандиќ Ригонат, продукција на Македонскиот народен театар – Скопје, како и „Црнила“ од Коле Чашуле во режија на Дејан Пројковски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и „Челинџ“, на авторот и режисер Јане Спасиќ (Театар за деца и младинци – Скопје).

Во придружната програма, пак, се претставите „Вилицата на Ибен Бајерс“ од Филип Грујиќ во режија на Борис Василевски, продукција на „Штрих“ – Скопје,

„Драга Јелена Сергеевна“ од Људмила Разумовскаја, во режија на Шенај Мандак, копродукција на Факултетот за драмски уметности – Скопје и МНТ – Скопје, „Невиност“ од Деа Лоер, дипломска претстава на класата по актерска игра, под менторство на проф. м-р Зоја Бузалковска и вонр. проф. м-р Александар Степанулески и „Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс, во режија на Тамара Стојаноска, театар „Златен Елец“.

– Да се направи селекција за 60-годишниот јубилеј е еден од доминантните предизвици на подготовките на годинашниот фестивал. Како театролог, писателка и, пред сè, како вљубеник во театарот, оваа сезона за мене беше една од најпредизвикувачките селекции. Од изгледаните 54 претстави во македонските институционални театри и независната продукција, како главна одлика, се гледа дека доминираат мал број режисерски имиња, квазикомедии кои треба да ни покажат дека публиката доаѓа во театар од една причина, како и препрочити на одамна излитени драми. Недостасува поголем простор за македонската драма, независно дали е современа или не, особено претстави кои би ја поставиле македонската драма во современ контекст… посочи, меѓу другото, Ана Стојаноска, уметнички директор на Фестивалот во експликацијата на програмата. Таа истакна дека, за неа, современиот театар денес треба да има став и коментар на состојбата во која се наоѓаме.

– Треба гласно и јасно да ги детектира аномалиите на општеството и да покажува сериозна професионалност. Од она што го видов, на македонските театарски сцени има одлични примери во независната продукција и ретки примери во институционалната продукција. Затоа, концептот за ова издание го подредив на темата „Кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“, истакнува Стојаноска.

За наградите на фестивалот ќе одлучува жирито во состав: Снежана Конески-Руси, актерка, режисерка, Дарко Лукиќ, театролог, независен театарски научник и автор од Хрватска и Аида Буквиќ, наградувана театарска и филмска режисерка од Хрватска. Поради јубилејната година, Собранието избра четворица добитници на наградите за животно дело. Тоа се: Атила Клинче, актер, Сашо Миленковски, режисер, Љубомир Чадиковски, основач на Театар за деца и младинци и сценограф и Веби Ќерими, актер.

По предлог на фамилијата на актерот Кирил Ристоски, Собранието на Фестивалот донесе одлука наградата за главна машка улога од годинава да го носи името на големиот актер, заради неговиот придонес кон македонскиот театар.

Во рамките на големиот јубилеј, ќе има ден посветен на Авторот во фокус, Дејан Дуковски, ќе бидат организирани три изложби, од кои едната на самото отворање со фокус на 60 години фестивал. И годинава ќе биде организиран Музеј во движење, со фокус на творештвото на актерите Благој Ивчески, Лидија Иваноска и Трајче Иваноски. Фестивалот ќе организира Детска зона, студентите на ФДУ ќе учествуваат во улични театарски перформанси и ќе бидат организирани промоции.

Покровител на Фестивалот ќе биде претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. Фестивалот и годинава ќе се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам и Град Прилеп. (Д.Т.)

 

 

ИЗДВОЕНИ