Иако голем дел од експропријацијата е веќе завршен, дел од имотите во Ќерамидница сè уште се предмет на судска постапка, што го одложува целосното отворање на мостот. Од Град Скопје најавуваат дека доколку се надминат останатите правни пречки, во наредните два месеци ќе почне неговото ставање во функција. Сепак, конечната динамика ќе зависи од судското утврдување на обесштетувањето за сопствениците. Паралелно се очекува и придвижување на поширокиот проект за нов булеварски коридор низ Ќерамидница

 

По речиси пет години застој, административни пречки и судски постапки околу експропријацијата во скопската населба Ќерамидница, се наѕира крајот на една од подолгите инфраструктурни приказни во главниот град. Мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба, според најавите на Град Скопје, треба да биде пуштен во сообраќај во рок од околу 60 дена.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информираше дека најголем дел од постапките за експропријација се завршени и дека се откочува процесот кој со години го блокираше завршувањето и функционалното ставање во употреба на мостот. Сепак, тој посочи дека еден дел од имотите сѐ уште не е целосно експроприран и дека случајот е на суд, каде што треба да се утврди висината на обесштетувањето за сопствениците.

Поради тоа, не се исклучува можноста мостот да биде пуштен во сообраќај делумно, додека целосното проширување на улицата и комплетното техничко заокружување на проектот ќе зависат од судската одлука. Од Градот очекуваат дека и со вакво фазно отворање значително ќе се подобри протокот на возила меѓу Аеродром и Гази Баба, каде со години се создаваат гужви и колони поради ограничените алтернативни правци.

Проектот за овој мост започна уште во февруари 2019 година, во мандатот на тогашниот градоначалник Петре Шилегов, а во 2021 година бил речиси целосно изграден. Но, токму тогаш се појавиле проблемите со експропријацијата на објекти во Ќерамидница, без која не можел да се отвори сообраќајниот коридор, по што работите практично запреле.

Во меѓувреме, проектот помина низ различни фази на стагнација, со смена на градски администрации и обиди за договарање со сопствениците на имотите. Дел од нив се спогодиле со Градот, но неколку случаи останале нерешени, па завршницата зависи од судски епилог.

Според најавите, со решавањето на останатите имотноправни односи ќе се отвори можност за целосно функционален сообраќаен коридор кој не само што ќе го активира мостот, туку и ќе овозможи реализација на поширокиот урбанистички план за нов булеварски правец низ Ќерамидница, од поранешен „Пролетер“ до булеварот „Гоце Делчев“ кај „Ист Гејт“.

Со тоа би се создал алтернативен влез и излез кон централното градско подрачје што, според долгорочните планови, треба да го растовари сообраќајот на мостот „Близнак“, кој со години претставува тесно грло во сообраќајната мрежа на Скопје.

Од Градот нагласуваат дека идејата за овој сообраќаен коридор датира уште од 1965 година, но дури сега, по надминување на дел од административните пречки, се приближува до реализација.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ