Содржина на околу 3.500 микрофилмови што се донесени од други држави, а се однесуваат на македонската историја, во блиска иднина ќе бидат достапни за граѓаните и за научната јавност, најави денеска Димитар Богески, директор на македонскиот Државен архив. Тој зборуваше на денешната свеченост што ја приреди оваа значајна државна институција за своите поранешни вработени и за помагателите во дејноста, во рамките на серијата настани по повод на одбележувањето на 75-годишниот јубилеј од основањето. Централното празнување ќе се одржи на 6 април, во Македонскиот народен театар.
Богески рече дека во институцијата постојано се работи на заштитата и на унапредувањето на архивската граѓа што ја имаат.
– Во депоата имаме околу 3.500 микрофилмови, архивска граѓа, донесена од други држави, а која се однесува на нашата историја. Меѓутоа, за жал, досега тие микрофилмови не се обработени. Така, воопшто не знаеме што содржат тие микрофилмови. За среќа, формиравме тим, кој започна да работи и кој ќе ги попише и ќе ги опише тие микрофилмови за да знаеме со каква граѓа располагаме – рече Богески.
Тој додаде дека со тоа ќе се избегнат досегашни ситуации во кои нашите истражувачи донесувале материјали што веќе ги имало во Архивот.
– Ни се случува повеќе пати да се носи истата граѓа, а ние да не знаеме дека е веќе донесена. Се случува и одредени научници ја поседуваат откако биле на претходни истражувања, а биле должни да ја предадат. Сега ќе се направи попис на овие 3.500 микрофилмови и нивниот опис. Штом ќе се заврши тоа, веднаш ќе станат достапни за јавноста и за научната фела. Се надевам дека таму ќе дојдеме до голем број документи што ќе бидат од исклучително значење за нашата држава – нагласи директорот на Државниот архив.
Богески рече дека Архивот се гордее со документи што се чуваат во неговите депоа.
– Апсолутно се гордееме со она што го имаме како документи. Наш најстар документ е Евангелието според Лука од 12 век нова ера и е најдено во фондот на познатата охридска фамилија Робевци. Освен тоа, имаме голем број турски и османлиски документи, кои се исклучително значајни и раритетни, како сиџили и кадилаци. Го имаме Битолскиот кадилак од 1612 до 1629 година и од 1912 година во оригинал, кој го нема ниту Архивот на Турција. Тие беа тука, го дигитализираа, но оригиналот е кај нас. Сите документи врзани за македонската државност се тука. Затоа и се нарекуваме столб на македонската државност – нагласи Богески.
На свеченоста им беа доделени благодарници на помагателите – на „Алкалоид“ , „Европа 92“, МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и на Македонската телевизија. (Б. Ѓ.)
(рамка)
Н: Депоата во подобра состојба
Архивот наскоро ќе го претстави пред Владата планот за своето работење за наредните 100 години.
– Што се однесува до досегашните проблеми, како што е протекувањето и слично, можам да кажам дека состојбата што ја гледавте до пред неколку месеци, веќе не е иста. Депоата секојдневно се санираат и се во многу подобра состојба. Се надевам дека наскоро ќе ги решиме сите проблеми – рече Богески.












