Еден од најдобрите македонски спортисти на сите времиња, Кирил Лазаров, остави длабока трага во европскиот ракомет, а денес успешно ја води нашата селекција на патот кон светскиот врв.
Во автобиографијата на Лазаров „Само на победа“, легендарниот хрватски стратег, Лино Червар, кој, исто така, остави длабока трага во европскиот ракомет, детално зборува за нивниот однос, почетоците во Загреб и за причините поради кои уште на првата средба сфатил дека е Кире нешто особено.
Инаку, соработката меѓу Кире и Лино и денес се смета за една од најуспешните на овие простори. Легендарниот хрватски стратег, кој работеше во кариерата со големи имиња како Иван Балиќ и Никола Карабатиќ, без двоумење истакна дека токму Лазаров е најдобриот играч што го видел некогаш ако се земе предвид целокупната личност, карактерот и долговечноста. Тој откри дека уште во летото 2000 година, кога пристигнал младиот Лазаров во Загреб, веднаш забележал огромна култура, воспитување и комуникациски способности кај него.
- Воспитувањето на млад човек и спортист беше првото нешто што го забележав кога првпат се сретнавме во летото 2000 година – вели Червар.

Червар нагласува дека Лазаров не бил само голем талент туку и човек со исклучителна работна етика. По секој тренинг останувал дополнително да работи, да ги усовршува движењата, додавањата и препознатливиот шут, кој подоцна стана негов заштитен знак.
- Препознав нешто повеќе од обичен играч во него. Видов дека е посебен карактер, кој беше решен да стане врвен спортист. Имаше работна етика, остануваше по тренингот. Вежбавме враќање на додавањето кон десното крило, шутирање, вртење и вртење. Тоа беше и останува негова специјалност. Кога замавнува, а потоа прави движење со раката, тој беше и останува мајстор во тоа. Го развивме неговиот периферен вид и секое додавање што го правеше имаше очи дури и тогаш – додава Хрватот.
Според искусниот тренер, токму карактерот го направил Лазаров еден од најголемите во историјата на ракометот. Како што вели, Кире секогаш бил самокритичен, знаел да ги признае сопствените грешки и постојано барал начин да напредува.

Червар се потсети и на славните денови во РК Загреб, кога заедно минувале низ тешки периоди, но и низ големи победи. Иако Загреб тогаш финансиски заостанувал зад конкурентите, токму таа генерација успеала да освои титули и да игра големи натпревари во Европа.
Особено се сеќава на дуелите против Целје во Лигата на шампионите, кога младиот Лазаров го воодушеви целиот регион со своите настапи против легендарниот голман Дејан Периќ. Червар открива дека уште тогаш знаел дека Македонија добива играч што ќе остави историска трага.
- Отсекогаш ме воодушевувал неговиот позитивен став кон животот и кон спортот. Тој пораснал на бетонот во своето Свети Николе и со својата кариера покажа дека животот започнува само кога ќе излезете од вашата зона на удобност. Тоа е единствениот пат до успехот. Не му беше тешко. Има многу големи спортски таленти што не можеа да го сторат тоа. Киро е мудар човек, кој не кажува сè што мисли, туку мисли сè што кажува. Тоа е одлична работа. Тој има огромен карактер, способен да донесува одлични и правилни одлуки на и надвор од теренот. Феномен! – посочува Червар.
Кариерата на македонската легенда траеше повеќе од две децении, на највисоко ниво. Од настапите за Пелистер кон крајот на деведесеттите, па сè до пензионирањето во Нант во 2022 година, Лазаров постојано играше врвен ракомет и соборуваше рекорди.
Червар смета дека токму долговечноста е причината поради која Кире е пред сите други. Според него, ниту еден играч во историјата не успеал да биде толку доминантен и на 41 година.
- Го гледам Кире Лазаров како најдобар играч на сите времиња, ако ги земеме предвид критериумите за играч како комплетна личност и вредност што трае повеќе од четириесет години, секогаш на врвно ниво. Ниту еден врвен играч не успеал да го направи тоа. Никој не успеал да игра на врвно ниво како Кире на четириесет и една година. Ако долговечноста е критериумот, Кире е прв на листата – потенцира новиот тренер на Е. Пелистер.

Легендарниот хрватски тренер особено ја истакнува љубовта на Лазаров кон Македонија. Како што вели, Лазаров имал понуди и можности од други репрезентации, но никогаш не размислувал да го смени националниот дрес. За Червар, токму тоа покажува каков човек е македонската ракометна легенда.
- Го знаев ова и претходно, но, како селектор на македонскиот национален тим, исто така чувствував дека во неговиот пристап кон играњето за неговата земја секогаш постоеше љубов кон татковината и кон сопствениот народ. Му даваше многу радост, среќа, национална гордост и достоинство. Никогаш не се двоумеше, дури и кога му беа понудени пасоши од други национални тимови. Секогаш знаеше каде му се домот и земјата на раѓање. Вложуваше многу во себе. Образован, со течно познавање на неколку светски јазици, тој претставува најдобар министер за надворешни работи на својата Македонија – заклучи Лино Червар.
Денес Лазаров успешно ја гради и тренерската кариера. Со Алкалоид веќе освои трофеј во Купот на Македонија, како и европски успех во Купот на ЕХФ, а Червар верува дека тоа е само почеток на уште една голема приказна.
На крајот, Червар испрати силна порака дека Лазаров не е само бројка и рекордер, туку симбол на победнички менталитет, дисциплина и посветеност. Според него, Кире Лазаров е пример како со работа, карактер и љубов кон спортот може да се стигне до самиот врв на светскиот ракомет.
Инаку, Червар и Лазаров ќе бидат ривали во новата сезона во македонското првенство, секако како тренери, бидејќи Хрватот од наредната сезона ќе го предводи тимот на Еурофарм Пелистер, додека Кире останува на местото на прв човек од клупата на Алкалоид.











