Во Националната опера и балет, на 20 мај, со почеток од 20 часот, во рамки на 54. Мајски оперски вечери, ќе се изведе операта „Мадам Батерфлај“ на Џакомо Пучини. „Мадам Батерфлај“ e едно од најемотивните и најизведуваните дела на светскиот оперски репертоар. Станува збор за музичка драма со силна човечка приказна, во која љубовта, надежта и предавството се преплетуваат во трагична судбина.
Диригент е Мирон Михајлидис од Грција, режисер – Александар Текелиев од Бугарија, сценограф – Живојин Трајановиќ, костимограф Лира Грабул, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓургица Дашиќ.
Во улогата на Чо Чо Сан (Мадам Батерфлај) настапува Доната Д’Анунцио Ломбарди од Италија, како Пинкертон – Хектор Лопез (Мексико), а Шарплес е Енрико Маручи, исто од Италија. Во останатите улоги се Марика Поповиќ, Исмет Вејсели, Невен Силјановски, Јане Дунимаглоски, Соња Пендовска Мадевска, Валентина Димитриевска, Марко Димовски, Марко Гапо, Дарко Станојловски, Борко Биџовски, Филип Мирчевски, Никола Чедомировски, Шинаси Рамдан, Васко Здравков, како и Хорот и Оркестарот на национална опера и балет.

-„Мадам Батерфлај“ е опера за безусловната љубов и за кревката надеж што опстојува и покрај разочарувањето. Во ова дело, Пучини маестрално ги спојува западните музички традиции со ориентални мотиви, создавајќи партитура исполнета со лирска нежност и драматичен набој. Неговата посветеност на силна и трогателна приказна се чувствува во секоја музичка линија, правејќи ја оваа опера една од најемотивните во оперската литература, посочуваат од НОБ.












