Доколку непријателските сили ја окупираат нејзината територија, Естонија има намера да продолжи да функционира како држава, но од странство, со помош на дигиталната инфраструктура. Резервна копија на државата веќе постои во Луксембург
Државите од Европската Унија постојано им делат совети на своите граѓани како да се подготват за кризи, но Естонија, сосетка на Русија и членка на ЕУ и НАТО, направи конкретен план како да се заштити од руски напад, во време кога односите меѓу Талин и Москва се дополнително затегнати.
Оваа балтичка држава спречи напад врз компанија за производство на воени беспилотни летала, за што ја обвини руската воена разузнавачка служба ГРУ, иако Русија негира. Ова ја прели чашата, па Естонија најави дека ги затвора патните гранични премини со Русија. Но, како што пишува „Политико“, естонските власти се подготвуваат и за многу посериозно сценарио: можноста Русија еден ден да ја окупира нивната земја. Во тој случај, дури и ако се изгуби физичката контрола над територијата, државните институции, регистрите и клучните јавни служби ќе продолжат да работат надвор од естонските граници.
Како што пишува „Политико“, естонските власти развиваат систем наречен hukukurtsų, што подразбира отпор на државата на најлошите можни кризи. На прв поглед, идејата е речиси незамислива: ако непријателските сили ја окупираат Естонија, нејзината влада и клучните државни служби би можеле да продолжат да функционираат од странство, користејќи дигитални системи хостирани на сервери надвор од земјата. „Политико“ го споредува ова сценарио со постапките на францускиот генерал Шарл де Гол, кој ја предводеше Слободна Франција од Лондон за време на Втората светска војна, откако неговата земја падна под нацистичка окупација. Разликата е во тоа што Естонија би се обидела да го зачува континуитетот на државните служби со помош на модерната технологија. Земјата со околу 1,3 милиони жители, која дели граница долга речиси 300 километри со Русија, сериозно ја разгледува можноста да биде меѓу првите цели во случај на поширок конфликт меѓу Москва и НАТО.
– Јавните услуги би биле преместени во облак, во случај нашите центри за податоци да бидат уништени или ако непријателските војници се на терен, со што веќе не би било можно да функционираме нормално, објасни Тону Гринберг, еден од авторите на стратегијата и поранешен висок функционер во Министерството за правда и дигитални работи на Естонија.
Естонија со години развива една од најнапредните дигитални владини инфраструктури во светот. Клучните податоци за нејзините граѓани, земјиштето, законите и државните институции се чуваат и во таканаречената дигитална амбасада во Луксембург. Тоа е практично резервна копија на државата што овозможува најважните државни податоци да останат зачувани дури и ако нивните оригинални системи во Естонија бидат уништени. Сепак, властите сега сакаат да одат чекор понатаму. Веќе не е доволно само да се зачувуваат податоците. Целта е да им се овозможи на институциите да продолжат да им обезбедуваат услуги на граѓаните дури и ако целата територија на земјата е недостапна.
– Сега сакаме навистина да бидеме онлајн, без разлика што ќе се случи. Сите основни услуги мора да останат достапни, рече Гринберг.
Затоа, естонската влада развива безбедни апликации користејќи ги платформите „Мајкрософт азуре“ и „Амазон веб-сервисис“, како и сопствената државна инфраструктура во облак. Системите постепено се распоредуваат во дигиталната амбасада во Луксембург и на други локации низ Европа за да се намали ризикот од еден напад или уништување на еден објект што би ја парализирало земјата. Алан Алмере, советник за ИТ-архитектура и инфраструктура во естонското министерство, објаснува дека целта е да се осигури дека земјата никогаш нема да биде принудена да почнува од нула. Со други зборови, дури и ако министерските згради, административните центри и физичката инфраструктура бидат уништени или окупирани, земјата ќе се стреми да ги зачува своите дигитални темели.
Стравот на Естонија од руски кибернапади не е нов. Во 2007 година се соочи со голем бран кибернапади што траеја 22 дена и сериозно ја нарушија работата на државните институции, банките и другите важни служби. Естонските власти ја обвинија Русија за тие напади, а тој настан стана пресвртница во развојот на естонската дигитална безбедност. Сега, речиси две децении подоцна, Естонија се обидува да го направи следниот чекор – да го обезбеди функционирањето на државата дури и во услови кога нејзиниот физички опстанок би бил загрозен. Најновиот обид за саботажа и одлуката за затворање на границата покажуваат колку сериозно Талин ги сфаќа безбедносните закани што ѝ ги припишува на Москва. Зад најновата стратегија стои едноставна пресметка: дури и ако непријателот успее да ја освои територијата, тоа не мора да значи дека успеал да ја уништи државата.












