Американскиот претседател Доналд Трамп не смеел да го користи својот личен мобилен телефон за време на посетата на Кина, во согласност со строгите безбедносни мерки што се во сила за американската делегација во Пекинг, објави „Њујорк пост“, повикувајќи се на портпарол на Белата куќа.
Според американскиот весник, Трамп и членовите на неговиот тим биле предупредени да не користат лични уреди за време на престојот во Кина поради ризик од надзор, хакирање и евентуално собирање податоци. Личните телефони наводно биле складирани во заштитни Фарадееви торби на „Ер Форс Уан“, додека службените лица користеле привремени, безбедносно ограничени уреди и сметки.
Оваа мерка привлече посебно внимание бидејќи Трамп е познат по честата употреба на телефонот, за разговори со соработници и пријатели, комуникација со новинари, но и по објавување на социјалната мрежа „Тruth Social“. За време на престојот во Кина, неговото присуство на таа платформа било значително намалено, а „Њујорк пост“ наведува дека некои од објавите најверојатно ги направиле соработници кои останале во Вашингтон.
Тридневната посета на Трамп на Пекинг заврши на 15 мај по разговорите со кинескиот претседател Си Џинпинг. Двајцата лидери се сретнаа и во комплексот Џонгнанхај, затвореното седиште на државното и партиското раководство на Кина, каде што Си го угости американскиот претседател на крајот од самитот.












