| Легендите за тунели од Калето до Вардар и под Старата скопска чаршија |
Се раскажува дека под Калето и под старата Скопска чаршија некогаш постоеле премини што исчезнале од мапите. Некои велат дека биле направени за бегство. Други зборуваат за скриени простории и ходници што воделе кон места од кои денес нема ни трага. А најчудно? И денес кружи приказната дека не сите подземни простори под старо Скопје се познати. Дали е тоа само легенда или градот над кој живееме крие уште еден тивок град? Скопската хроничарка и автор на книгите за деца „Мистериозниот град под Калето“ и „Љубов голема колку Скопје“, Александра Тодоровиќ, која го истражувала постоењето на тунелите под Скопје, во разговор за весникот ВЕЧЕР тврди дека постојат документирани подземни структури и историски сведоштва за тунели и за премини, особено во контекст на скопското Кале. Но, вели и дека за дел од приказните што кружат со години меѓу скопјани, за жал, нема доволно археолошки потврди

Под улиците по кои секојдневно чекориме, под старите камења и темните агли на Скопје, можеби, лежи нешто што го чека својот момент со векови. Кога ќе се стемни, градот изгледа поинаку. Светлата го осветлуваат само она што е над земјата. Но, под нас… Тоа е друга приказна. Стара. Тивка. Заборавена.
Се раскажува дека под Калето и под старата Скопска чаршија некогаш постоеле премини што исчезнале од мапите. Некои велат дека биле направени за бегство. Други зборуваат за скриени простории и ходници што воделе кон места од кои денес нема ни трага. А најчудно? И денес кружи приказната дека не сите подземни простори под старо Скопје се познати. Дали е тоа само легенда или градот над кој живееме крие уште еден тивок град?
Скопската хроничарка Александра Тодоровиќ го истражувала ова тврдење за потребите на двете свои книги за деца – „Мистериозниот град под Калето“ и „Љубов голема колку Скопје“.
За весникот ВЕЧЕР, таа раскажува дека има под Скопје уште едно Скопје: меѓу археологијата, историјата и градските легенди.
Кога зборуваме за тунелите под Скопје, она што, како што вели, најмногу ја привлекува како автор што пишува за градот и што ѝ е најинтересно е што приказната за скопските тунели се наоѓа токму на границата меѓу историјата и градската митологија.
– Скопје со векови било освојувано, уривано, доградувано и повторно создавано. Затоа е сосема логично под градот што го гледаме денес да постојат траги од различни времиња и од неколку претходни „Скопја“. Тунелите не ме привлекуваат само како физички простори под земјата туку и како дел од меморијата на градот. Тие се потсетник дека Скопје има видлива и невидлива историја. Колку повеќе го истражувате толку повеќе сфаќате дека неговата приказна не завршува на површината – раскажува Тодоровиќ.
Таа тврди дека постојат документирани подземни структури и историски сведоштва за тунели и за премини, особено во контекст на скопското Кале. Но, вели и дека за дел од приказните што кружат со години меѓу скопјани нема доволно археолошки потврди.
– Не би сакала да ја претставуваме градската легенда како историски факт. Тука е важно да направиме јасна разлика. Едно е археолошки потврдена структура, друго е историски запис или сведоштво, а трето е приказна што се пренесувала од генерација на генерација. Токму таа граница меѓу потврденото и претпоставеното ја прави темата толку возбудлива – оценува Тодоровиќ.
За неа, интересно е и тоа што идејата за тунел под Калето не е нова, туку, како што наведува таа, се појавува уште во плановите за развој на Скопје од почетокот на 20 век, а подоцна повторно се среќава и во урбанистичките визии за градот.
– Тоа ни покажува дека подземното поврзување со децении било дел од размислувањата за развојот на Скопје. Која е најважната точка кога зборуваме за подземно Скопје? Скопското Кале, без сомнение. Под него има многу подлабока историја од онаа што можеме да ја видиме при една обична прошетка по него. Археолошките истражувања откриле културни слоеви од праисторијата, антиката и од средниот век, како и различни бедеми и архитектонски структури. Истражувањата од 2009 и од 2010 година, на пример, откриле два внатрешни монументални бедеми што ја преградувале внатрешноста на тврдината. На одредени места, остатоците се наоѓаат неколку метри под денешното ниво – објаснува Тодоровиќ.
Додава дека Калето најдобро покажува оти Скопје не е изградено само покрај сопственото минато туку и буквално врз него.
Според неа, легендите за тунели од Калето до Вардар и под старата Скопска чаршија се приказни што најмногу ја разгоруваат фантазијата.
– Во скопската усна традиција со децении се зборува за подземни премини што наводно го поврзувале Калето со Вардар, Чаршијата и со други стратешки точки во стариот град. Како автор, токму тука го гледам најголемиот предизвик: да ја раскажам легендата, затоа што таа е дел од духот на Скопје, но истовремено јасно да кажам што е истражено, што е историски забележано, а што е предание. Не треба да ги отфрлиме легендите, но не треба ниту да ги маскираме како факти. Нивната вредност е во тоа што ни покажуваат како го замислувале и го паметеле скопјани својот град – наведува Тодоровиќ.
Таа додава дека и Камениот мост крие нешто што не го забележуваат минувачите, односно дека Камениот мост не е само премин од едниот до другиот брег на Вардар и дека во неговата масивна конструкција постојат скриени простори.
– Историските описи наведуваат дека во внатрешноста на дел од столбовите имало простории што го намалувале оптоварувањето, а имале и одбранбена функција со пушкарници. Тоа е прекрасен пример дека, кога зборуваме за „скриеното Скопје“, не мора секогаш да замислуваме километарски тунел под целиот град. Понекогаш тајната е буквално вградена во објектот покрај кој секојдневно поминуваме, а никогаш не сме се прашале што се крие во него – нагласува Тодоровиќ.
Таа смета дека опстојуваат приказните за тунелите толку долго затоа што Скопје навистина е град наталожен еден врз друг и затоа што под денешните улици постојат остатоци од различни историски периоди и, како што истакна, Калето е најсилен доказ за тоа.
– Знаеме дека има нешто под нас, но не знаеме секогаш што точно и токму во тој празен простор меѓу знаењето и непознатото се раѓаат легендите. Мене, како автор, ме фасцинира помислата дека постои уште едно Скопје под Скопје: град од темели, ѕидови, премини, скриени простории, археолошки слоеви и недораскажани приказни. Можеби, нема еден таен тунел што ги поврзува сите градски мистерии, но постои нешто уште повозбудливо – град чие минато сè уште не сме го откриле докрај – заклучи Тодоровиќ.
Покрај митските приказни, во јавноста постоеја и вистински инфраструктурни идеи за тунел. Во 2018 година, тогашните градски власти најавија проект за изградба на сообраќаен тунел под скопското Кале, како продолжение на булеварот „Свети Климент Охридски“, но тој проект подоцна беше прекинат и договорот за проектирање беше раскинат.
(А. П.)









