Легендарниот англиски рагбист, Лоренс Далаљо, се најде во тешка финансиска ситуација, поради која одлучи да продаде еден од највредните сувенири од својата блескава кариера – медалот од Светското првенство во 2003 година.
Поранешниот капитен на Англија се разведе од сопругата Алис, со која беше речиси две децении. Нивниот семеен дом во Ричмонд беше продаден за 2,4 милиони фунти, само еден ден по разводот. Притоа, му било наложено дел од средствата да ги искористи за плаќање на долгот поврзан со директорски заем, кој надминувал 366.500 фунти.
Наместо финансиските проблеми да завршат, ограничувањата поврзани со неговиот банкрот биле продолжени, а британските медиуми известуваат дека причината било неговото продолжено трошење.
Поради тоа, Далаљо сега се решил на потег кој за многумина е незамислив – да стави на аукција дел од својата колекција на спортски сувенири. Меѓу највредните предмети е токму медалот од Светското првенство во 2003 година, кој се проценува на меѓу 50.000 и 80.000 фунти.
Далаљо беше дел од историскиот англиски тим кој во финалето во Сиднеј ја совлада Австралија со 20:17 по продолженијата. Тоа е натпреварот кој остана запаметен по легендарниот дроп-гол на Џони Вилкинсон, со кој Англија стигна до светската титула.
На аукција ќе се најде и неговиот медал од Светското првенство во 2007 година, проценет на околу 10.000 фунти, како и Гренд-слем медалот од 2003 година.
Далаљо продава и голем број признанија од времето поминато во Лондон Васпс, со кои освои две европски титули и три англиски шампионски трофеи. Секој од тие медали се проценува на околу 8.000 фунти.
На продажба ќе се најдат и негови дресови и други вредни предмети од репрезентативната и клупската кариера.
Според процените на аукциската куќа „Бадс“ од Велингтон, целата колекција би можела да достигне вредност од околу 180.000 фунти.
Далаљо одигра за Англија 85 натпревари, дебитираше во 1995 година, а се повлече од репрезентативното рагби по Светското првенство во 2007 година.
Последната сезона ја помина во Васпс, каде како капитен го предводеше тимот до титулата во Премиершип во сезоната 2007/08.
Сега, години по завршувањето на кариерата, еден од најголемите моменти во неговиот спортски живот – златниот медал од 2003 година – би можел да заврши во рацете на друг колекционер.











