Рускиот претседател Владимир Путин денес побара од новоизбраните регионални функционери да да гледаат на војниците распоредени во Украина како на морални примери и да ја засилат поддршката за борците, ветераните и нивните семејства, објави руската новинска агенција ТАСС.
„Издржливоста и храброста на нашите борци во зоната на специјалната воена операција мора да служат како првенствен морален пример за сите што работат во јавната администрација“, рече Путин за време на средбата со новоизбраните регионални лидери.
Рускиот претседател исто така ја пофали „храброста и – без никакво претерување – хероизмот“ на жителите во регионите што граничат со Украина, особено во Белгородската област, која често е цел на украински напади.
„Им должиме многу“, нагласи Путин, повикувајќи на поддршка за жителите, семејствата и локалната економија, како и на обнова на оштетената инфраструктура.
Путин му се заблагодари на чеченскиот лидер Рамзан Кадиров „за придонесот на чеченскиот народ кон зајакнувањето на Русија“ во врска со војната во Украина – конфликт што Москва продолжува официјално да го нарекува „специјална воена операција“.












