Зак Ледеј славеше голема победа со Хапоел ТА против Црвена звезда во „Белградска арена“, откако израелскиот тим триумфираше со 81:80. Поранешниот кошаркар на Партизан го заврши натпреварот со 12 поени и четири скока, а по мечот откри што било клучно за победата.

  • Успеавме да ги запреме во клучните моменти. Ја контролиравме нивната транзиција бидејќи тие се најопасни кога трчаат по утнати шутови. Одигравме добра одбрана и силно се боревме. Нè чека уште многу работа. Имаме некои од најдобрите играчи во Европа. Одиме ден по ден. Татко ми постојано говореше дека не можеш да изедеш слон во еден залак – ние одиме залак по залак, изјави Ледеј.

Ледеј повторно привлече внимание и со својот необичен ритуал – на теренот носи ранец во кој има посебна тетратка со белешки.

  • Ако ја видите мојата тетратка, ќе помислите дека пишувам на кинески или дека решавам задачи по хемија. Се трудам да бидам најдобрата верзија од себе и да му помогнам на тимот, откри Американецот.

Тој зборуваше и за тренерот Димитрис Итудис, како и за тренерите со кои претходно работел.

  • Жељко Обрадовиќ, Шарунас Јасикевичиус, а сега и Итудис – неговиот јазик е сличен, но тренерскиот стил е поинаков. Благословен сум што работам со сите нив. Сакам да бидам најдобар, заклучи Ледеј.

Покрај Хапоел ТА, победа во ова коло забележа и Дубаи над Барселона (94:87), Анадолу Ефес беше подобар од Реал Мадрид (94:84), Жалгирис загуби дома од Олимпијакос (91:93), Фенербахче го совлада Баерн (100:76), Минано го доби италијанското дерби со Виртус Болоња (87:86), Валенсија ја торпедираше Басконија (111:88), додека Париз загуби пред своја публика од Партизан (79:92).

ИЗДВОЕНИ