Екипата на Еурофарм Пелистер одигра нерешено против ПСЖ (34:34) во претоследното коло од Лигата на шампионите. Ова беше последен настап на македонскиот шампион во најелитното клупско ракометно натпреварување на домашен тере, а до крајот на групната фаза ќе играат уште со Барселона на гостински терен по што ќе го завршат настапот уште во групната фаза, исто како и минатата сезона.
Тренерот Стевче Алушовски можеше уште еднаш да го види квалитетот на пелистерци по преземањето на тимот, а ПСЖ беше добра проверка пред дербито против Вардар, по настапот во Купот на Македонија.
„Можам само да им честитам на ракометарите. Покажавме огромен карактер, и кога губевме со два гола разлика на само една и пол минута до крајот, верувавме во себе и се вративме. Бевме нервозни на почетокот, правевме грешки, кои според мене не се грешки туку глупости, но кога играш против ПСЖ и во ваква атмосфера, нормално е фокусот и главата да не ви бидат тука. Меѓутоа мислам дека од ден во ден екипата расте, почнуваме да веруваме во она што го работиме и во нашиот систем. Голема благодарност до битолчани, беше задоволство да се води оваа екипа од клупата“.
Импресиите по натпреварот Французите ги сподели и капитенот Филип Кузмановски, кој изјави дека ако се победеше ГОГ Гудме, сега работите ќе беа многу поразлични во групата.
„По натпреварот во Данска самодовербата во тимот се подигна и тоа многу ќе ни значи во плеј-офот од домашниот шампионат. Пред ваква публика на секој натпревар одиме на победа, без разлика на противникот, во Битола го даваме максимумот. Можеби против Висла потфрливме, како колективно така и индивидуално, но сега покажавме што навистина тренираме во последниот период. На добар пат сме, ни треба повеќе верба, формата ни оди во нагорна линија. Кога ќе направиме пресек досега можеме да жалиме што не искористивме неколку шанси на домашен терен. Особено мислам за натпреварот со ГОГ Гудме. Навистина жалиме за тој пораз. Ако победевме на тој натпревар, сезоната ќе се одвиваше во друг правец, ќе верувавме повеќе и мислам дека ќе стигневме до осминафиналето“, рече Кузмановски.
Еурофарм Пелистер нема да патува во осминафиналето во Лигата на шампионите, затоа што на едно коло до крајот на групната фаза има три бода помалку од ГОГ Гудме, тим кој што е последен во зоната за понатамошен пласман.












