
Собранието одлучи да ја продолжи кризната состојба поради ризици во снабдувањето со нафта и нафтени деривати на територијата на земјата. Според одлуката, мерката ќе важи до 20 јули 2026 година и ќе почне да се применува од 21 април, по објавувањето во „Службен весник“.
Продолжувањето следува поради неповолната меѓународна безбедносна и енергетска состојба, особено по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и нарушувањата во транспортот на сурова нафта преку Хормускиот Проток, еден од најважните светски енергетски коридори.
Надлежните институции проценуваат дека по нападите кон крајот на февруари и блокирањето на дел од поморските патишта, протокот на нафта низ Хормускиот Проток е значително намален. Тоа, според нив, создава ризик од глобален недостиг и од пораст на цените, што може директно да се одрази и на домашниот пазар.
Владата веќе најави мерки за ублажување на последиците, меѓу кои намалување на ДДВ за енергентите и намалување на акцизите за дизелот и безоловните бензини, со цел да се зачува стандардот на граѓаните и да се обезбеди стабилно снабдување.
Надлежните тела за управување со кризи оценија дека причините за воведување кризна состојба сè уште постојат, па Собранието ѝ овозможи на Владата и во наредниот период да продолжи со мерки за стабилизирање на снабдувањето со енергенти.











