четврток, јуни 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Во Белград, 2.500 евра кирија, во Скопје цените за изнајмување растат со...

Во Белград, 2.500 евра кирија, во Скопје цените за изнајмување растат со забрзано темпо

Цените на изнајмување во регионот рушат рекорди, високата побарувачка, поскапувањето на недвижностите и недостигот од станови ги прават кириите сè понедостапни за граѓаните. Во Белград, на пример, кириите за луксузни станови достигнуваат и до 2.500 евра месечно. Во Скопје, цените на кириите и понатаму се пониски во споредба со Белград, Софија и Загреб, но тој факт не значи дека домувањето е полесно достапно за граѓаните, бидејќи и примањата во земјава се значително пониски. Сепак, регионалниот тренд на континуиран пораст на цените на изнајмувањето недвижности сè поизразено се чувствува и на домашниот пазар

9641

Во Скопје, кириите за станови одамна го надминаа прагот на достапност за голем дел од граѓаните. Денес, двособен стан во Центар ретко може да се најде за помалку од 400 евра месечно, додека во Карпош, цените почнуваат од околу 350 евра и одат нагоре, зависно од локацијата и опременоста. Во Аеродром, населба што некогаш важеше за подостапна, веќе речиси и да нема стан за изнајмување под 300 евра. Во Кисела Вода и Ѓорче Петров сè уште може да се најдат станови со кирија од 200 до 250 евра, но изборот таму е ограничен и најчесто станува збор за постари станови во стари згради, опремени со застарен мебел.

Состојбата не е многу поразлична ниту во соседните земји, каде што порастот на кириите, исто така, станува сериозен предизвик. Во Белград, на пример, кириите за луксузни станови достигнуваат и до 2.500 евра месечно, особено во атрактивните централни делови на градот. Значителен пораст на цените на изнајмувањето е регистриран и во други земји од регионот: во Грција, кириите се зголемени за 10 проценти, во Унгарија за 9,8 проценти, во Бугарија за 9,6 проценти, а во Романија за 8,2 проценти. Фактот што сите овие земји го надминуваат прагот од 8 проценти јасно укажува дека станува збор за поширок регионален тренд и сериозен проблем со сè понедостапното домување.

Во Скопје, цените на кириите и понатаму се пониски во споредба со Белград, Софија и Загреб, но тој факт не значи дека домувањето е полесно достапно за граѓаните, бидејќи и примањата во земјава се значително пониски. Сепак, регионалниот тренд на континуиран пораст на цените на изнајмувањето недвижности сè поизразено се чувствува и на домашниот пазар.

– Од почетокот на годината, цените на кириите во Скопје се зголемени за околу 10 до 20 проценти, што претставува сериозен товар за голем дел од граѓаните, особено за младите, студентите и за семејствата со пониски приходи. Висината на киријата зависи од повеќе фактори: атрактивноста на локацијата, близината до центарот, староста и квалитетот на зградата, состојбата во која се наоѓа станот, како и степенот на неговата опременост. Новите станови во модерни згради, особено оние што се целосно реновирани и современо наместени, достигнуваат значително повисоки цени. Во централното градско подрачје речиси и да не може да се најде стан за изнајмување под 300 евра месечно, додека на периферијата, цените се движат околу 200 евра, зависно од квадратурата и од условите, велат за весникот ВЕЧЕР од една Агенцијата за недвижности.

Агенциите посочуваат дека побарувачката останува висока, особено за помалите и функционални станови, што дополнително го поттикнува порастот на цените. Доколку продолжи сегашниот тренд, се очекува кириите и во наредниот период постепено да растат, следејќи ги движењата на регионалниот пазар на недвижности.

– Слично како и на пазарот на продажба на станови, каде што зголемената побарувачка директно влијае врз порастот на цените на квадратот, истиот тренд е присутен и кај изнајмувањето недвижности. Со почетокот на новата академска година во септември, се очекува дополнителен пораст на цените на кириите, бидејќи тогаш традиционално се зголемува и побарувачката за станови. Покрај студентите од внатрешноста на државата, во Скопје има и сè поголем број странски работници, особено од Непал, Пакистан и Филипини, како и значителен број странски студенти, претежно од Турција. Токму оваа зголемена побарувачка од различни категории закупци создава дополнителен притисок врз пазарот, што ги охрабрува сопствениците на станови да ги зголемуваат цените на изнајмување, велат од Агенцијата.

Оттаму посочуваат дека порастот на цените на становите за продажба не може да се одвои од движењата на пазарот на кириите. Колку повеќе растат цените на недвижностите, толку повеќе растат и кириите. Оваа правопропорционална врска меѓу цените на становите и кириите е еден од клучните фактори што го движат поскапувањето на изнајмувањето во Скопје.

И во Белград, како и во Скопје, висината на кириите значително варира во зависност од општината, локацијата и типот на станот – од поумерени цени во периферните и помалку атрактивни делови, до исклучително високи износи во престижните градски зони. Во деловите околу Зелени венац, Сењак и улицата „Караѓорѓева“, еднособни станови може да се изнајмат за околу 450 евра месечно, додека за двособните станови, цените често надминуваат 1.000 евра. Посебен сегмент на пазарот претставува „Белград на вода“, кој практично функционира како засебна и елитна зона со сопствени ценовни правила. Во овој модерен комплекс, цените за двособни станови се движат од околу 1.100 до 1.500 евра месечно, додека поголемите и полуксузно опремени станови достигнуваат и значително повисоки износи. Во Општина Врачар, која важи за една од најбараните локации во градот, кириите за двособни станови најчесто се движат меѓу 700 и 850 евра, а во новите луксузни згради тие можат да бидат и многу повисоки. Во Стари Град, пак, цените покажуваат уште поголем распон: еднособните станови се изнајмуваат по цени од околу 400 до 800 евра, додека двособните најчесто чинат меѓу 600 и 1.000 евра месечно, зависно од локацијата, состојбата и од опременоста на недвижноста.

Во 2025 година, порастот на кириите достигна двоцифрени стапки во повеќе европски земји, при што Турција убедливо се издвојува со најголемо зголемување – дури 78 проценти. Овој драматичен скок ја става земјата на врвот на европската листа по пораст на цените на изнајмувањето, далеку пред останатите пазари.

Експертите предупредуваат дека главната причина за ваквиот тренд е нерамнотежата меѓу побарувачката и понудата, бројот на луѓе што бараат станови расте многу побрзо отколку што се зголемува достапниот станбен фонд. Овој јаз е присутен низ цела Европа и создава постојан притисок врз цените, особено во големите урбани центри, каде што побарувачката е најголема.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ