четврток, јуни 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Кризата е амортизирана, пазарот со нафтени деривати функционира стабилно

Кризата е амортизирана, пазарот со нафтени деривати функционира стабилно

36

Со мерките што ги презеде Владата, успеавме да ја амортизираме кризата онолку колку што беше можно, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски. Тој се надева дека конфликтот на Блискиот Исток ќе заврши брзо, бидејќи доаѓаат позитивни вести за тоа.

– Тоа е еден огромен предизвик, со кој се справуваме. Како Влада, презедовме итни мерки. Македонија во моментов има најевтино гориво во целиот регион, и нема никаков застој во снабдувањето, што не е случај и со останатите држави. Скопскиот и охридскиот аеродром редовно функционираат, за разлика од други аеродроми. И приштинскиот аеродром, исто така, се снабдува преку македонските снабдувачи, што значи дека успеавме да ја амортизираме кризата онолку колку што беше можно, рече Николоски.

Како што појасни, за Скопје и за Охрид немаме проблем и најголем дел од авиокомпаниите ги користат овие аеродроми за да полнат гориво за дестинациите кои ги определуваат од скопскиот или од охридскиот аеродром, со цел да можат да продолжат кон другите дестинации.

– Имаме зголемена потрошувачка на керозин на двата аеродроми, што е добро затоа што тоа влегува и во прометот во државата, влегуваат девизи, а дополнително и аеродромот во Приштина се снабдува преку нас. Ние никогаш не ставивме блокада на снабдувањето, иако други држави го прават тоа. Доколку го направевме тоа, ќе требаше да се затвори аеродромот во Приштина. Со самото тоа што го правиме ова, јасно е дека состојбата е добра. Согласно со закон, треба да има резерви за шеесет дена, ние имаме резерви на керозин за деведесет дена, а тоа се надополнува на дневна основа, така што снабдувањето оди редовно и затоа немаме ниту еден откажан лет од скопскиот и од охридскиот аеродром, рече Николоски.

Дополнително, посочи тој, се отвораат нови дестинации. Во летниот период почнува да се лета за Вроцлав и за Краков. Исто така, почнува и редовната линија за Виена, а почна и линијата за Милано од охридскиот аеродром, додека од скопскиот имаме преку десет нови дестинации за летниот период, така што состојбата е добра.

Клучните  проекти за развој на регионот на кои се работи, како што наведе, се автопатот Прилеп – Битола, чија изградба се одвива со одлична динамика и по првите километри, според ветувањето од изведувачот, ќе се вози напролет следната година. Исто така и изградбата на делницата од Фариш до Прилеп, обиколницата за Битола, на чие проектирање веќе се работи и проектот за парно во овој град, како и гасификацијата помеѓу Прилеп и Битола. Со МЖ Инфраструктура, МЖ Транспорт, пак, информира дека, се работи во јуни да биде пуштен меѓуградски воз на релацијата Прилеп – Битола – Жабени, со промотивна цена од 150 денари за повратна карта.

 

 

ИЗДВОЕНИ