Бројот на жртви во пукотница во училиште во Турција се искачи на 10 откако уште едно рането лице почина во болница, соопштија властите.
Нападот се случи вчера во градот Кахраманмараш, кога 14-годишен ученик отвори оган во две училници, убивајќи еден наставник и осум ученици, а ранувајќи уште 13. Вооружениот напаѓач, исто така, почина, откако се самоуби. Пиштолот што го користел му припаѓал на неговиот татко, пензиониран полицаец, кој бил уапсен. Еден ден претходно, во блиската покраина Санлиурфа, во претходен напад беа ранети 16 лица кога поранешен ученик отвори оган во средно училиште пред да се самоубие, објави АП.
Властите одржаа итен состанок за безбедноста во училиштата и формираа тим за давање психолошка поддршка на учениците и семејствата на жртвите.
Погреби за убиените ученици и наставник беа одржани во четврток, а низ целата земја беа одржани протести на едукатори кои бараа поголема безбедност во училиштата.
Во меѓувреме, десетици луѓе се приведени поради заканувачки објави на социјалните мрежи за можни слични напади.












