понеделник, октомври 26, 2026
Дома СВЕТ Исклучително редок случај: Авион во Франкфурт се обидел да полета во погрешна...

Исклучително редок случај: Авион во Франкфурт се обидел да полета во погрешна насока

21

Патнички авион на турскиот превозник „Пегасус ерлајнс“ (Pegasus Airlines), минатата недела се обидел да полета во погрешна насока на аеродромот во Франкфурт.

Германската контрола на летање го опиша инцидентот како исклучително редок.

Во вторникот, авион од типот „Ербас А321“ (Airbus A321), кој летал кон Истанбул, почнал да се движи по пистата во погрешна насока.

Пилотите го прекинале полетувањето при брзина од приближно 65 километри на час, потврди вчера портпарол на Германската контрола на летање (DFS).

„Ова не се случува често, а секако не и во Германија“, изјави портпаролот.

Авионот имал дозвола за полетување кон југ од пистата 18 на најпрометниот аеродром во Германија. Сепак, откако влегол на пистата преку предвидената пристапна точка, тој почнал да се движи кон север.

Портпаролот на DFS изјави дека контролорите на летање веднаш ја забележале грешката и им наложиле на пилотите да ја ослободат пистата. Тој нагласи дека немало непосредна опасност, бидејќи ситуацијата била навреме ставена под контрола.

Германската контрола на летање го пријавила инцидентот до Сојузното биро за истражување на авионски несреќи (BFU).

„Фрапорт“ (Fraport), компанијата што управува со аеродромот во Франкфурт, исто така потврди дека се случил „инцидент“, но не даде дополнителни детали.

Според „Авиејшн хералд“ (The Aviation Herald), авионот полетал без проблеми седум минути подоцна – во правилната насока, кон југ.

ИЗДВОЕНИ