вторник, јули 28, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Гостиварци може да се бањаат и да перат, но не и да...

Гостиварци може да се бањаат и да перат, но не и да пијат вода од чешма!

По две недели криза во Гостивар, состојбата се подобрува

293

Водата од градскиот водовод, по хиперхлорирањето, повторно може да се користи за технички потреби, но не и за пиење и подготовка на храна. Бројот на новозаболените продолжува да опаѓа, Обвинителството собира докази и не ја исклучува можноста од отворање нови предистражни постапки. Од скопски „Водовод“, каде што изминатите денови го следат квалитетот на водата во Гостивар, информираа дека три последователни дена во шесте анализирани примероци не е утврдено присуство на колиформни бактерии. Здравствената слика во Гостивар продолжува да се подобрува, но и натаму е над 100 заболени во едно деноноќие. Паралелно со нормализирање на состојбата, продолжува и истрагата за причините што доведоа до загадувањето на водоводниот систем

По речиси две недели рестрикции, водата од гостиварскиот водовод повторно може да се користи за технички потреби – бањање, миење, перење и санитарна употреба. Забраната, сепак, останува за пиење и подготовка на храна. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, кој го предводи Управувачкиот комитет за управување со кризи, изјави дека по повеќекратните лабораториски испитувања е потврдено дека водата е безбедна за техничка употреба.

„По повеќекратни испитувања имаме потврда од експертите дека водата може да се користи како техничка – за бањање и сите потреби во домаќинството, но не и за пиење и подготовка на храна“, рече Тошковски.

Тој најави дека граѓаните и понатаму ќе се снабдуваат со флаширана вода, а подобрувањето на состојбата е резултат на хиперхлорирањето на системот.

„Во координација сме со општината во делот на сето она што треба да се преземе и понатаму. Сакам лично да изразам огромна благодарност, прво на гостиварци за нивното разбирање, потоа на сите експерти и луѓе кои беа вклучени на терен. Тие се оние што ги презедоа сите професионални активности во делот на хиперхлорирање, поставување апаратура за да дојдеме до оваа фаза, техничка вода за употреба, а се надевам дека за брзо ќе ја известиме јавноста точно кога повторно ќе дојдеме до вода за пиење“, изјави Тошковски.

Порача дека случајот треба да биде сериозна опомена за сите надлежни кои се грижат за квалитетот на водата.

„Да упатам порака до сите одговорни во рамките на општините на територија на Македонија, се надевам дека ова ќе биде за памет и еднаш засекогаш понатаму ќе се постапува максимално професионално и во рамките на надлежностите утврдени со закон во делот на контрола на квалитетот на водата. Затоа што со здравјето и со безбедноста на граѓаните нема играње и треба максимално професионално и сериозно да се сфати секоја одговорност, особено одговорноста поврзана со водата, дали станува збор за техничка вода за користење или, пак, за вода за пиење“, истакна Тошковски.

Од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, кое изминатите денови го следи квалитетот на водата во Гостивар, информираа дека три последователни дена во шесте анализирани примероци не е утврдено присуство на колиформни бактерии.

„Кај сите примероци, три дена последователно, е забележано отсуство на колиформни бактерии и поради тоа што е извршено хлорирање со поголема концентрација, кај примероците не е регистрирано присуство на трихалометани над дозволени граници. Резултатите се доставени до кризниот штаб и до Агенцијата за храна и ветеринарство како надлежен орган“, изјави Емилија Аневска од скопскиот водовод.

Во наредниот период ќе се зголеми бројот на мерните места и ќе продолжи континуираниот мониторинг сè додека не се потврди дека водата е целосно безбедна и за пиење. Од Кризниот штаб посочија и дека гостиварскиот водовод има системски проблем со процесот на дезинфекција, кој ќе треба дополнително да се надмине.

„Јавното претпријатие во Гостивар, генерално, се соочува со проблем во процесот на вршење дезинфекција. Ќе се обидеме во следните неколку дена да се реши и тој дополнителен проблем. Кога дезинфекцијата ќе биде континуирана и нема да има отстапување од нормалните вредности за да се добие безбедна вода, прво ќе го известиме кризниот штаб, а потоа и граѓаните“, изјави Аневска.

Бројот на новозаболени продолжува да опаѓа, но и натаму е над 100 во деноноќие

Здравствената слика во Гостивар продолжува да се подобрува, но и натаму е над 100 заболени во едно деноноќие. Според податоците на Министерството за здравство, на 26 јули биле регистрирани 127 први прегледи, само два повеќе од претходниот ден. Од нив, 91 пациент биле прегледани во Општата болница, а 36 во Здравствениот дом.

Во споредба со пикот на епидемијата на 18 јули, кога биле евидентирани 649 први прегледи во еден ден, бројот на нови пациенти е намален за повеќе од пет пати. Од почетокот на кризата до 26 јули, во двете здравствени установи се извршени вкупно 4.197 први прегледи.

Досега се регистрирани 833 формални пријави за заразна болест, а епидемиолозите анкетирале 563 пациенти, што претставува 68 проценти од сите пријавени случаи.

Од опозицискиот СДСМ, на прес-конференцијата прашаа врз кои параметри Тошковски ја прогласил водата за техничка: „И дали граѓаните можат безбедно да ја користат за лична хигиена? И второ: за ова не може да зборува инженер од животна средина или раководител на сектор за санитарна контрола од Водовод Скопје. Институтот за јавно здравје и Марија Андоновска треба да излезат и јасно да објаснат за што точно смее да се користи оваа ’техничка’ вода. Кој стои зад оваа одлука? Тошковски и владата на Мицкоски нека го објават официјалниот документ со анализите на водата“, побараа од партијата.

Истрагата може да доведе до отворање нови предистражни постапки

Паралелно со нормализирање на состојбата, продолжува и истрагата за причините што доведоа до загадувањето на водоводниот систем.

Обвинителството уште на брифингот со новинарите, кога беше приведено раководството на ЈК „Комуналец“, најави дека во друга предистражна постапка ќе се чешлаат набавката на хлор распишана пред да се открие скандалот со пумпите. Од страна на полицијата бил испрашан и градоначалникот Валбон Лимани, а од канцеларијата на директорката Артана Асани е земена документацијата како доказ. Таа нема дадено исказ пред јавен обвинител, тоа ќе се случи на крајот од истрагата, кога ќе биде соочена со доказите на гостиварското Обвинителство. Се истражуваат и анализите на водата од страна на Центарот за јавно здравје кои во пикот на заразата покажувале дека водата, во која се открија фекални бактерии, била добра за пиење. Иако не се очекува проширување на постојната истрага, новите докази што ќе произлезат од вештачењата и анализата на документацијата би можеле да доведат до отворање нови предистражни постапки доколку се утврдат сомнежи за други кривични дела или инволвираност на нови лица.

Од ЈП „Комуналец“, во меѓувреме, велат дека реконструкцијата на водоснабдителниот систем е финансирана од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања  и Германската развојна банка и Општината, додека градежните работи ги изведувале договорни компании под стручен надзор, а не самото претпријатие. Според нив, околу 98 проценти од проектот се реализирани и тестирани, за што постојат технички извештаи и видеодокументација. За целосно поврзување на системот остануваат уште околу 600 метри од трасата, но, како што тврдат, работите не можат да продолжат бидејќи веќе две години се чека согласност од Јавното претпријатие за државни патишта. (П. А.)

 

ИЗДВОЕНИ