Речиси 12.000 луѓе, главно туристи, се евакуирани од областа Ле Порж во југозападна Франција поради голем шумски пожар што зафати борова шума во близина на атлантскиот брег.
Пожарот избувна во средата околу пладне, а до четвртокот се прошири на површина од околу 2.000 хектари шума – површина што е приближно трипати поголема од Гибралтар – соопштија локалните власти.
Меѓу евакуираните има гости од кампови и други сместувачки капацитети, како и неколку стотици локални жители од блиските села.
Стотици пожарникари се борат со огнената стихија, при што пламените јазици на одредени места достигнуваат висина и до 10 метри. Небото над крајбрежниот град Ле Порж, недалеку од Бордо, беше прекриено со густ портокалов чад.
Градоначалникот на Ле Порж, Маршал Занинети, изјави дека пожарот најверојатно бил предизвикан од машина за расчистување вегетација, додека полицијата истражува дали пожарот настанал како последица на несреќен случај.
Франција е погодена од три топлотни бранови од мај наваму, а експертите предупредуваат дека климатските промени придонесуваат за сè почести екстремни временски појави, пресушување на реките и зголемен ризик од шумски пожари.
Голем пожар избувна и минатата недела во шумата Фонтенбло, која е под заштита на УНЕСКО, во близина на Париз. Тогаш исто така изгореа околу 2.000 хектари шума, што се смета за невообичаено голем пожар за северниот дел на Франција.
Шпанија: Евакуирани села; премиерот предупредува на климатските промени
Шпанските власти наредија евакуација на неколку населби во близина на Толедо, јужно од Мадрид, додека повеќе од 30 села беа евакуирани во провинцијата Гвадалахара, североисточно од главниот град, поради голем шумски пожар.
Премиерот Педро Санчез ја посети погодената област и изјави дека последиците од климатските промени стануваат сè поочигледни.
„Од година во година, јасно гледаме како климатските промени одземаат животи и го уништуваат богатството на нашите заедници. Ова не е политика. Ова е наука и факт“, рече Санчез.
Италија: Стотици пожари на Сицилија и во Калабрија
Околу 6.000 пожарникари, припадници на шумските служби и работници од цивилната заштита се ангажирани на Сицилија, каде што беснеат шумски пожари низ целиот остров. Претседателот на регионот, Ренато Скифани, изјави дека и покрај ангажирањето на противпожарни авиони, сè уште се активни околу 50 пожари.
Во јужна Италија, повеќе од 160 пожари се регистрирани во регионот Калабрија.
Локалните власти тврдат дека постојат индиции оти многу од пожарите биле подметнати намерно. Според извештаите, истражителите пронашле парчиња ткаенина натопени во запалива течност, врзани за опашките на мачки-скитници – со намера пожарот да се прошири на повеќе локации – што ги наведува на сомнеж за подметнување пожар.
Spain wildfires kill 13 people in July 2026 as massive rescue operation unfolds
Read more:https://t.co/z5nflepgJL#FireandRescueInternational pic.twitter.com/tFFruYCymV
— Fire and Rescue International (@FRI_magazine) July 22, 2026
Wildfires are raging across parts of France, Spain and Italy, as extreme heat grips Europe.
In southwestern France, more than 10,000 people have been evacuated as fire scorched land and engulfed forests west of Bordeaux.
Spain is battling wildfires in the Castilla y León region… pic.twitter.com/mMsIve1T3I
— Channel 4 News (@Channel4News) July 23, 2026










