Украинската тенисерка Марта Костјук продолжува да привлекува внимание не само со своите настапи на теренот туку и со јасните ставови за војната во Украина. Откако првпат во кариерата се пласираше во полуфиналето на Ролан Гарос, таа испрати остри пораки кон руските спортисти кои сè уште избегнуваат јавно да се изјаснат за конфликтот.
Костјук, во четвртфиналето, ја совлада својата сонародничка Елина Свитолина и обезбеди место меѓу четирите најдобри тенисерки во Париз. Но, веднаш по мечот, вниманието го привлече со изјавите на прес-конференцијата.
- По четири години војна, нивното молчење зборува доволно. На чија страна се тие?, порача Украинката, алудирајќи на руските тенисери и тенисерки кои избегнуваат да коментираат политички теми.
Таа посочи дека постојат примери кои покажуваат дека јавното дистанцирање од војната е можно, издвојувајќи ја Дарија Касаткина како пример за спортистка која отворено го осудила конфликтот и ја напуштила Русија.
Костјук истакна дека не прифаќа оправдувања за молчењето на руските спортисти.
- Сите знаат што се случува. Имаат пристап до информации и не можам да разберам како можат мирно да спијат, изјави таа.
Емоциите дополнително беа засилени поради новите напади врз Киев, поради што победата ја посвети на украинскиот народ.
Во полуфиналето, Костјук ќе игра против руската тинејџерска сензација Мира Андреева, што дополнително ќе го зголеми интересот за овој натпревар. Покрај борбата за финале, нивниот дуел ќе биде во фокусот и поради политичката заднина и пораките што украинската тенисерка повторно ги испрати кон руските спортисти.











