Проблемот со бездомните кучиња и понатаму е присутен во градот. Граѓаните не престануваат да реагираат на социјалните мрежи и да споделуваат непријатни случки со кучињата кои секојдневно шетаат во глутници низ скопските улици. Жителка на Карпош опиша немил настан кој се случил пред нејзините очи. Раскажува како глутница од 20 кучиња нападнале девојче кое мирно си поминувало пред нив. Таа додава дека да не изреагирало обезбедувањето од „Сити тауер“ девојчето ќе било буквално искасапено. Притоа, предупредува луѓето посебно да внимаваат кај паркингот на салата „Партизан“, кој, како што вели, со месеци било легло на оваа глутница.
Директорот на претпријатието „Лајка“, Војислав Димитровски, неодамна за весникот ВЕЧЕР истакна дека овој проблем е присутен не само ва Карпош туку и во други делови од Скопје, како што е Кисела Вода, кај училиштето „Кочо Рацин“ и во Бутел. Од ЈП „Лајка“ ги повикуваат сите граѓани што може да помогнат во лоцирањето на овие кучиња или имаат контакт со нив, да ги контактираат. Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, порача дека нема да се дозволи Скопје да стане депонија за бездомни кучиња од други градови

Проблемот со бездомните кучиња и понатаму е присутен во градот. Граѓаните не престануваат да реагираат на социјалните мрежи и да споделуваат непријатни случки со кучињата кои секојдневно шетаат во глутници низ скопските улици.
Жителка на Карпош опиша немил настан кој се случил пред нејзините очи. Taa раскажа како глутница од 20 кучиња нападнале девојче кое мирно си поминувало пред нив.
– „Подарок” за неа и за нејзините родители: белег од куче кое ќе го носи цел живот, Ургентен и огромен стрес и страв – вели скопјанката.
Таа додава дека да не изреагирало обезбедувањето од „Сити тауер“, девојчето ќе било буквално искасапено. Притоа, таа предупредува луѓето посебно да внимаваат кај паркингот на салата „Партизан“, кој, како што вели, со месеци било легло на оваа глутница.
– Дали е нормално во главен град да имаме толку увезени улични кучиња, а патем никој да не се „погрижи” за нив? – прашува жителката на Карпош и додава дека освен случката со тоа девојче, од кучиња биле нападнати и постара жена, потоа мајка со бебе во количка, а претходно петгодишно дете.
Директорот на претпријатието „Лајка“, Војислав Димитровски, неодамна за весникот ВЕЧЕР истакна дека овој проблем е присутен не само ва Карпош туку и во други делови од Скопје, како што е Кисела Вода, кај училиштето „Кочо Рацин“ и во Бутел.
– Со Општина Карпош сме во секојдневна комуникација: кога ќе забележат кучиња, нивните служби го известуваат претпријатието и нашите тимови веднаш излегуваат на терен – истакна Димитровски.
Тој наведе дека постојано имаат пријави за нови групи несоцијализирани кучиња и во Кисела Вода, кај училиштето „Кочо Рацин“, но и во Бутел, што, како што истакна, укажува на тоа дека се нови, донесени однадвор, а локалното население најчесто ги препознава. Од ЈП „Лајка“ ги повикуваат сите граѓани што може да помогнат во лоцирањето на овие кучиња или имаат контакт со нив, да ги контактираат.
И скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека во рамките на програмата на Градот се обезбедени 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите на претпријатието и за создавање современи и хумани услови за згрижување на бездомните кучиња. Како што нагласи, тоа претставува суштинска промена, која треба да донесе видливи и трајни резултати.
Градоначалникот призна дека се оправдани забелешките на граѓаните, нагласувајќи дека проблемот со години се зголемува, наместо да се решава. Токму затоа, според него, сега се пристапува сериозно, одговорно и со јасна визија за негово надминување. Тој порача дека нема да се дозволи Скопје да стане депонија за бездомни кучиња од други градови.
Прашањето за нивното носење во главниот град, како што кажа, е веќе отворено со надлежните институции и со воведувањето на системот „Безбеден град“ ќе се откриваат и санкционираат сите што несовесно ги префрлаат животните во Скопје. Ѓорѓиевски апелираше до граѓаните активно да соработуваат и да пријавуваат вакви појави, истакнувајќи дека само со заедничка акција може да се воспостават ред и функционален систем.
(А. П.)












