Во Музејот на македонската борба, на 30 октомври, во 20 часот, со доделување на наградите и со концерт на пијанистот Глигор Гелебешев ќе се затвори годинашното 18. издание на фестивалот „Златна лира“ 2025.
Вовед во свеченото затворање на фестивалот ќе биде доделување на наградата „Златна лира“ што СМУМ традиционално ја доделува за животно дело и за особени уметнички остварувања во текот на претходната година. Наградата за животно дело оваа година ќе му биде врачена на кларинетистот и професор на ФМУ во Скопје, Стојан Димов, додека наградата за исклучителни уметнички остварување во 2024 година ќе ѝ биде доделена на месопранот Александра Коцевска.
На концертот, пијанистот Гелебешев ќе ги изведе дела од А. Скрјабин и С. Рахмањинов.
Глигор Гелебешев (Гевгелија, 1969) се истакнува со јасно оформен пијанистички израз изграден низ долгогодишна солистичка и камерна дејност, како и со континуирана педагошка посветеност. Во 2001 година го формира пијано-дуото со својата сопруга Катерина Гелебешева Костадиновска, со кое настапува на најзначајните македонски фестивали. Во 2021 година, Гелебешев го издава својот прв соло компакт-диск со дела на Шопен, Рахмањинов и сопствени композиции, со што го проширува својот репертоарен опус. Паралелно со концертната дејност, тој веќе три децении е активен педагог во ДМБУЦ „Илија Николовски–Луј“ во Скопје, каде неговите ученици бележат успеси на домашни и меѓународни натпревари. За својата наставна работа и придонес во развојот на младите пијанисти често е покануван како член на жири во Македонија, Србија, Бугарија и Полска. Во неговото музицирање се спојуваат дисциплина, јасност и суптилна емоционалност, создавајќи пијанистички израз што го потврдува Глигор Гелебешев како еден од столбовите на современата македонска пијанистичка уметност.
Влезот на концертот е слободен.












