четврток, јули 9, 2026
Дома МАГАЗИН Композицијата „Чекор“ на македонскиот композитор и продуцент Даркоф е во трката за престижната награда „Милан...

Композицијата „Чекор“ на македонскиот композитор и продуцент Даркоф е во трката за престижната награда „Милан Младеновиќ“

1

Осмиот добитник на наградата „Милан Младеновиќ“ ќе биде познат на 21 септември 2026, во Белград!

Македонската електронска музичка сцена доби уште едно значајно регионално признание. Станува збор за композицијата „Чекор“ на македонскиот композитор и музички продуцент Даркоф, која се најде меѓу избраните песни кои се во трката за престижната регионална награда „Милан Младеновиќ“ 2026, а која се доделува за најдобра авторска песна создадена на просторот на поранешна Југославија.

На годинашниот конкурс пристигнале 173 валидни пријави. Петчленото регионално жири во првиот круг издвоило само 47 композиции кои ќе конкурираат за влез во финалето. Меѓу нив се најде и „Чекор“, со што Даркоф се вброи меѓу најинтересните современи музички автори. Песната „Чекор“, веднаш по објавувањето, привлече внимание кај љубителите на современиот електронски звук, но и на домашните радиостаници. Композицијата доби значителна поддршка во етерот, особено на Урбан ФМ, каде што беше забележана како едно од највпечатливите нови домашни изданија. Зад текстот стои Дина Јашари, која во 2022 година ја освои токму наградата „Милан Младеновиќ“ со песната  „Дома“. Нејзиниот препознатлив авторски израз совршено се надополнува со модерната електронска продукција на Даркоф. Вокалната интерпретација ја пренесува џез-пејачка Сара Ташкоска, чиј емотивен и суптилен вокал ѝ дава дополнителна длабочина на композицијата.

Во полуфиналната селекција, покрај Даркоф, Македонија ја претставуваат и Премин, како „Вец вајс верс“ со Лаз Веѓас и Еда, што уште еднаш потврдува дека македонската авторска сцена е сè позабележителна во регионални рамки. Во текот на овој месец јули, стручното жири ќе избере 12 финалисти, чии песни ќе бидат објавени на традиционалната промотивна ЦД-компилација на Фондацијата „Милан Младеновиќ“, проект чија цел е афирмација на најдобрите нови автори и музички остварувања од поранешна Југославија. За конечниот победник ќе одлучува стручно жири составено од Павица Чабријан, Немања Ѓорѓевиќ, Лада Фурлан Заборац, Јован Матиќ и Ана Радоњиќ.

Осмиот добитник на Наградата „Милан Младеновиќ“ ќе биде прогласен на 21 септември 2026 година во Белград – датум кој традиционално се совпаѓа со роденденот на легендарниот српски рок музичар Милан Младеновиќ, фронтмен на култната група Екатерина Велика. Самото влегување меѓу најдобрите 47 композиции во регионот претставува значајно признание за Даркоф и уште една потврда дека неговиот автентичен музички израз успешно го привлекува вниманието и надвор од границите на Македонија. (Д. М.)

 

 

ИЗДВОЕНИ