Кога ќе ја погледнеш подобро Македонија, сфаќаш дека ние не сме држава, туку долгометражна, театарска претстава на апсурдот, во која сите сме статисти со сериозни амбиции за дијагноза. Живееме во еден надреален матрикс каде што апсурдот е основна градежна единица на секојдневието, а логиката одамна има фатено воз за Катманду во еден правец. Ние сме феномен што им пркоси на сите закони на физиката и на здравиот разум.
Навечер се гушиме во ПМ-честички кои буквално можат да се сечат со нож и да се извезуваат како градежен материјал, ама затоа преку ден гордо се пали „дизелашот“ со изваден катализатор „за да влече подобро“ за да се поминат цели педесет метри до локалното маалско дуќанче. И додека државата помпезно најавува некаква дигитална трансформација, „блокчејн“ решенија и вештачка интелигенција, во заднина, како национална химна, ечи вечната реченица на некоја шалтерска службеничка која со пензионерско темпо џвака мастика: „Паднат ни е системот, дојдете во вторник“. А кога ќе дојдеш во вторник, потејќи се во ходник со триста луѓе каде што нема воздух, дознаваш дека ти фали уште еден фамозен „извод од матично“ не постар од шест месеци, како во меѓувреме да си успеал да се родиш уште еднаш, на друго место, во некој друг ден.
Посебна приказна се судските шалтери на кои по десет години, колку што траела постапката за да докажеш дека си сопственик на станот во кој живееш веќе 30 години, сакаш да добиеш печат за правосилност за да го впишеш станот во катастар на свое име. Првите три месеци никако не можеш да го начекаш службеникот кој е како дух, сите знаат дека постои, ама никој не го видел. Кога ќе го начекаш по неколку месеци, тој ти објаснува како другата странка, која е државен орган, не ја примила пресудата. Следните неколку месеци пресудата патува до органот кој е на петстотини метри од судот. Откако ќе ја прими пресудата, предметот или го нема или судијата го нема за да потпише или е ден на азбуката, знамето, марсовците… А по судските шалтери допрва те чекаат шалтерите во катастарот, општината, градот.
Нашите политичари, дефинитивно го нудат најскапиот и најлошиот стендап во живо. Тие воопшто не менаџираат институции, туку продаваат магла на големо и мало. Се возат во службени возила со затемнети стакла од сто илјади евра за случајно да не им се расипе денот ако ја видат сиромаштијата низ прозорецот, а потоа излегуваат на прес-конференција и со треперлив глас и рака на срце зборуваат за маката на обичниот работник. Нивното најголемо професионално достигнување не е да изградат нешто корисно, туку успешно да ја обвинат претходната власт за тоа што паднал снег во јануари. Ако некој автопат се гради петнаесет години и веќе личи на археолошки локалитет со кратери, виновен е некој министер од минатиот век кој погрешно ја нацртал кривината, или, пак, пустата „прогресивна“ администрација која заглавила во некој тендер за набавка на спојки. Дури и кога ќе направат некоја капитална инвестиција од типот на три метри асфалт на селски пат, се сече црвена лента со пет камери, три попски молитви и цела свита од Скопје која дошла да го прослави тој триумф на човечкиот ум над природата.
Но, народот е посебна приказна и круна на овој општествен циркус. Ние сме единствената нација во универзумот која има детално макроекономско решение за глобалната геополитика и конфликтот на суперсилите, ама нема поим како да го реши проблемот со кучињата скитници пред зграда или со комшијата кој го остава ѓубрето во лифт. На социјалните мрежи сме поопасни од Спартанците – таму се рушат влади, се палат амбасади, се креваат револуции во делот за коментари со „капс-лок“ и извичници. Но, кога ќе излеземе на улица и треба да се пријави некој локален моќник што изградил три ката дивоградба врз тротоар, одеднаш сите соодветно ослепуваат и занемуваат под паролата „абе ајде, наш човек е, да не си расипувам односи“.
Кај нас стандардот и сиромаштијата се релативна, речиси филозофска категорија. Постојано се кука, се лелека, се плаче дека нема пари, дека платите се мизерни и дека буквално се преживува од денес за утре. Меѓутоа, обиди се да најдеш слободна маса во кафеана во среда навечер или да резервираш сместување во Грција за кој било продолжен викенд – нема шанси. Кафеаните се преполни до последното столче како утре да е судниот ден, а на масите во чадот од скарата се дебатира за тоа како пропаднавме, додека социјално загрозениот граѓанин му мавта на келнерот да донесе уште една тура „жолта“ и три порции ребра.
Целиот овој апсурд нè води до единствениот можен заклучок на нашиот колективен менталитет. Секој поединечно знае дека сè е наместено, дека партиската книшка вреди повеќе од три факултетски дипломи, дека судството ни е на ниво на пазарна инспекција од деветнаесеттиот век и дека ништо фундаментално не функционира. Но, наместо да го поправиме системот и да воведеме ред, сите потајно, во длабочината на душата, само чекаат „наш човек“ да дојде на власт за конечно и ние да фатиме некаков аир од тој хаос и да се протнеме преку ред. Не ни треба функционална држава, ни треба врска во министерство. И така, во тој маѓепсан круг на лицемерство и иронија, се нервираме на „Фејсбук“, пиеме ракија во кафеана, ја палиме колата до контејнер, се крстиме и велиме „ајде, со господ напред, полошо не може да биде“, додека државата со задоволство и со насмевка секој нов ден ни докажува дека и тоа е можно, а ние стануваме нација со врски, во која животот ни е тотално без врска.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)












