– Спортот и физичката активност треба да бидат извор на енергија, здравје и задоволство, а не причина за болка, исцрпеност и истоштеност. Со правилен пристап, редовен одмор, соодветна исхрана и стручна поддршка кога е потребно, секој може долгорочно и безбедно да ужива во спортувањето. Здравјето треба секогаш да биде на прво место, па потоа резултатите доаѓаат како неизбежни бенефиции, вели физиотерапевтот Илија Жежов за весникот ВЕЧЕР
Во време кога активниот начин на живот станува тренд, а фитнес-салите, трчањето и рекреативниот спорт се дел од нашето секојдневие, би истакнал дека сè почесто се поставува прашањето колку правилно спортуваат спортистите.
Спортската рекреација и спорт одамна не се резервирани само за професионалните спортисти, туку за секој оној што сака здраво, безбедно и долгорочно да остане активен во спортот.
Веќе 20 години сум активно присутен во физикалната медицина и сметам дека токму со оваа стручна тема ќе ја разберете мојата мисија како да го слушате сопственото тело и да ги избегнете најчестите грешки при спортувањето.
Што е физикална медицина и дали е таа важна само за професионалните спортисти?
Физикалната медицина и физиотерапија е гранка која се занимава со дијагностика, увид во физичката подготвеност на спортистот, како и превенција од повреди при спортување. Таа не е наменета само за професионални спортисти, туку буквално за секој оној што сака да се занимава со спорт, без разлика на возраста.
Од што се состои физиотерапевтскиот преглед?
Постојат два вида спортски прегледи: Основен физиопреглед и детален преглед со дијагностика.
Како да препознаеме дека му даваме премногу оптоварување на телото при спортување?
Телото секогаш ни испраќа сигнали за нашата состојба. Постојаниот замор, болките, грчевите, нарушениот сон и намалената мотивација се многу јасни знаци дека е потребна пауза или третман со физиотерапија. Игнорирањето на овие симптоми речиси секогаш води до хронични повреди, па затоа јас често велам дека одморот од тренинг или натпревар понекогаш е поважен од самиот тренинг.
Дали болката по тренинг е знак дека не сме вежбале како што треба или дека сме претерале?
Не секогаш. Лесната мускулна болка е честа појава кај почетници, но интензивна или долготрајна болка не е добар знак. Вежбањето не треба да биде страдање и со болка, вежбањето треба да биде релаксација на телото и целосно ослободувње од стрес и напнатост. Затоа тренинзите треба да се дозираат во зависност од типот на спортот, возраста на спортистот, колку долго тренира и неговите цели. Во овој процес особено е важна едукацијата и соработката на тренерите и спортистите со нас, физиотерапевтите, околу правилната доза тренинг.
Колку е важна исхраната во процесот на тренингот и спортувањето?
Исхраната е основа за енергија и закрепнување на целокупно здравје. Не постои универзален режим, зашто секое тело, секој спортист, па дури и секоја позиција во екипните спортови има различни потреби. Комбинацијата од балансирана исхрана и правилно распределени оброци е најдобриот избор. Внесувањето протеини, здрави масти, доволно течности, како и шеќери правилно распоредени по природен пат во текот на денот, даваат значителни спортски резултати.
Кој е најчестиот мит поврзан со вежбањето и здравјето?
Дефинитивно митот за целосно исфрлање на шеќерите од исхраната и верувањето дека повеќе е секогаш подобро. Протеините и природните шеќери во телото се како бензин во автомобил, телото ги користи прво нив, затоа е добро да се внесуваат пред или по тренинг. На пример, атлетичарите, а и јас како стручен физиотерапевт кој спортува по 4 часа на ден, внесувам протеини и природни шеќери по секој тренинг, што дополнително ми дава сила и енергија во текот на денот. Квалитетот на тренингот, а не количеството, е клучот за долгорочни резултати и здраво тело.
За крај, што им препорачувате на сите што се занимаваат со спорт?
Најважно е да го слушаат сопственото тело и да не ги игнорираат сигналите што им ги испраќа. Спортот и физичката активност треба да бидат извор на енергија, здравје и задоволство, а не причина за болка, исцрпеност и истоштеност. Со правилен пристап, редовен одмор, соодветна исхрана и стручна поддршка кога е потребно, секој може долгорочно и безбедно да ужива во спортувањето. Здравјето треба секогаш да биде на прво место, па потоа резултатите доаѓаат како неизбежни бенефиции.
(Илија Жежов-физиотерапевт и специјалист по здравствен фитнес.
Ординација за физикална терапија ФИЗИОТЕРАПЕВТ-ЗДРАВЈЕ Гостивар.)












