Станувам сабајлево и го пијам утринското кафе во тишина слушајќи го само црцорењето на птиците. Сонцето го милува се уште заспаниот град , права идила на прв поглед , ама кај нас ништо не е онака како на прва изгледа.
Кај нас ти е се онака како не треба да биде, ние сме мајстори да најдеме проблем за секое решение, наједноставната работа да ја искомплицираме до максимум, се што е средено и подредено да растуриме, разнебитиме и превртиме наопачки. Ние сме ти мајстори од наједноставните работи да направиме најсложен проблем, преку ноќ сето она што чини и функционира да го превртиме и направиме неупотребливо, да прекопаме, ископаме и уништиме се што е ново и да создадеме дупки, а дупките да не ги пополниме и изравниме. Ѓубре фрламе од терасите, наместо во контејнерите го фрламе до нив, паркот го загадуваме фрлајќи ги чашките од кои сме пиеле кафе на сите страни, создаваме кал и каде што ја нема, кршиме клупи и дрвја, се давиме во ѓубре, кал и невоспитаност. Ние сме ти мајстори на хаосот.
Се она што е нормално и општоприфатено во секоја земја кај нас служи за подбив, а се она што е ненормално и неморално кај нас се слави и фали. Се што е манливо, налудничаво или недоветно го прикажуваме како врвен дострел и пример кој треба да се следи. Лагата кај нас е вистина, вистината е непожелна и опасна, неспособноста и некадарноста се пожелни, а знаењето и способноста анатемисани. Со лага се будиме, лаги на секој чекор слушаме, лагата царува и во политиката и во општеството, измамата стана начин на живот и функционирање. Сите лоши решенија и одлуки, сите измами и кражби, коруптивни зделки и наместени тендери се нарекуваат успеси, а сите порази ги прикажуваме како победи. Ние сме ти мајстори на измамата.
Сите други народи и држави се толку минорни и небитни, толку мали и ситни да можат само да учат од нас. Се фалиме со нашата историја која ретко кој ја прочитал, а се удираме во гради тврдејќи дека е најстара и најбогата , дека од нас настанале сите, ние сме постари и од земјата и од боговите и поумни сме од сиот останат свет. Од нас и поради нас почнува да се мери времето, ние сме помудри, попаметни, поголеми и побитни од сите други на земјинава топка. Ние сме ти мајстори на самобендисаноста.
Кај нас не се чита, не се истражува, не се изучува ниту наградува , а и зошто би се правело сето тоа, кога сета човечка мудрост е збрана во нас. Та ние сме ги описмениле другите, зарем ние да читаме и учиме. Ги славиме Александар и Тереза ама Рацин, Јаневски, Шопов, Тодоровски и многу други писатели ги лустрираме, кастрираме и негираме. Многу други дејци , борци, патриоти ги забораваме или ги прогласуваме за предавници зависно кое лудило е на власт. И се она што не било го славиме како да било, историјата на неколку години ја прекројуваме и наново пишуваме .Ние сме ти мајстори на лагата.
Кај нас претседатели на собрание, влада, судски совети, директори на академии, сојузи и кој знае уште што со години седат во фотелјите без мандат и трошка срам. Кај нас луѓе без искуство, знаење, памет и морал раководат со институции наместо да бидат во институција сместени. Кумството, роднинските врски или полтронството заедно со партиската книшка кај нас ти се услов и гарант за кариера и фотеља, можеби и по некој тендер. Што си помизерен и поголем подлизурко тоа си постручен, што си морално и интелектуално повеќе беден тоа си поуспешен што си попослушен тоа си понапреден. Ние сме ти мајстори на лицемерието.
Кај нас, како и секаде во светот и покрај патот по кој возиме, но и покрај патот по кој како држава и народ се движиме има знаци и патокази, само треба некој да ги види и прочита. На секоја раскрсница на која сме зачекориле имало и има патокази кои не предупредуваат и не усмеруваат на каде треба да се движиме. За жал ниту кога возиме ниту кога како држава и народ се движиме знаците и патоказите не ги читаме, најчесто ни по патот не се движиме туку се обидуваме “итарпејовски“ кратенка да измислиме, па потоа се чудиме кога некој ни ја прекројува историјата, името, знамето, потеклото. Ние сме ти мајстори на грешни кратенки.
“И навистина, таква е природата на самобендисаните да се кадарни да запалат, ако треба, туѓа куќа само себе си да си испржат јајце“ Fransis Bekon.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)












